„Кале“ кај Крупиште ја чува тајната за првите словенски букви

Археолошкиот локалитет „Кале„ кај штипското село Крупиште, се уште ја чува тајната за тоа дали на овие простори се напишани првите словенски букви. Од пронајдените наоди со сигурност не може да се потврди дека токму овде е лоциран градот Равен, центар на Брегалничкото Кнежество. Сепак последното археолошко откритие- камен, кадешто се напишани неколку букви од  глаголицата, се доволен доказ дека писменоста потекнува или се случувала во овие краеви

  „Ние пред две години истражувавме на локалитетот кај с.Крупиште и таму ги најдовме тие докази. На камен беа напишани неколку букви од глаголицата. Тоа се наоѓа во нашата институција. После тоа направивме и проект за конзервација на оваа црква, бидејќи е карактеристична по нејзината архитектура„ изјави Мите Штерјов, директор на Музеј на град Штип.

Засега приказната за Црвената црква и дека во Крупиште се наоѓал голем епископски центар кадешто Методиј бил назначен за епископ, а Кирил ја напишал глаголицата, ќе треба да почека подобри времиња. Изготвен е проект за конзервација. Пари освен од Министерството за култура, ќе се бараат и од странски фондации. Без соодветна сигнализација тешко кој би може да стигне до местото кое се наоѓа меѓу оризните ниви.   

  „Значи се повеќе од десеттина цркви во  еден мал простор, меѓутоа оваа е најспецифична. Кога ќе се конзервира и ќе се искомбинира со туристичка понуда тогаш ќе бидеме поатрактивни. Во овој момент ние и да сакаме да презентираме не можеме, таква е состојбата, тоа се оризови полиња„изјави Мите Штерјов, директор на Музеј на град штип

Во чест на сесловенските просветители во Штип беа промовирани и триесетина црковни книги, од кои најстарата е напишана 1721 година, а беше откриен и споменикот на браќата Кирил и Методиј, кој се наоѓа на местото кадешто пред 70години се наоѓало најстарото основно училиште во градот кое го носело нивното име. 

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста