Како ќе гласаат пратениците на ЛДП, ДОМ и ДС за предлогот во Собранието?

Прво најавија демонстративно напуштање на Владата ако францускиот предлог помине, но, сега тактизираат. Пратеникот и лидер на Демократски Сојуз на прашањето на Алфа како ќе гласа за предлогот на Макрон во собранието, и дали се уште стојат на ставот дека ќе ја напуштат Владата, вели дека во моментов нема партија што може да каже како ќе постапи и додава дека во Собранието ќе се формира работна група за францускиот предлог.

„Нема да има предвремени одлуки. Засега се подготвуваат заклучоците. Кога ќе дојдат, ќе има расправа и ќе одлучиме дали да ги поддржиме. Најлесно е да се даде популистичка изјава. Во моментов нема партија што може да каже како ќе постапи. Моите заложби се во овие процеси да се вклучат и опозициските партии. Не може да градиме вакви стратешки одлуки без широки консултации.“ – Истакна Трајанов.

За тоа, како ќе постапат во законодаваниот дом и дали остануваат во владеачката коалиција и покрај најавите дека владата го прифаќа предлогот, пратениците Моника Зајкова и Боби Мојсовски од ЛДП не одговорија, со образложение дека биле на состаноци. Ист одговор ни даде и пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин.

И првиот човек на ЛДП најави излез од владата, но, откако неколку дена го немаше да се произнесе, конечно вчера за дел од медиумите кажа оти сега сепак ќе дејствувале во рамките на Владата.

„Во овие околности, кога има дијаметрално спортивни размислувања за ист документ, нас ни е неопходно да ги видиме сите факти, со цел да не направиме некакви грешки при донесување во одлуката. Најголем проблем за нас е образованието и историјата. Нашиот став е во ЕУ да влеземе како Македонци, а не како втора бугарска држава“ – Изјави претседателот на ЛДП, Горан Милевски.

И НСДП на Горан Мисовски беше категорично против францускиот предлог, за по неколку дена целосно спротивно да се изјаснат дека за нив тој стана прифатлив – со образложение дека темелно го анализирале па се предомислиле.

Никола Цветкоски

Поврзани вести