Како се ширеше епидемијата на морбили

Во градинката Ташко Караџа во Радишани на 16 декември 2018 заразени се 5 деца и еден возразен- Вака започна епидемијата на морбили. За кратко време ова заразно заболување се прошири низ неколку населби во Скопје, по што епидемија се прогласи на ниво на градот. По неколку недели епидемии беа прогласени во Куманово и во Тетово, по што следеа Гевгелија, Струга и Кичево.
Иако бројката на заболени секојдневно се зголемуваше, надлежните дури по пет месеци прогласија епидемија на ниво на цела територија на државава.

Додека малите сипаници се ширеа во целата држава, имаше и други споредни настани кои го привлекуваа внмиманието на јавноста и влијаеа на самиот процес на вакцинација.
Имено, инспекциската контрола во пунктовите за имунизација во јануари открија повеќе од 600 пакувања МРП вакцини на кои имало декларации со поминат рок на траење. Првично, министерот за здравство, Венко Филипче, тврдеше дека такви декларации има само на 60-тина пакувања, објаснувајќи дека станува збор за техничка грешка, а не за реално поминат рок на вакцините.
Најголем отпор кај родителите има за МРП – вакцината, а причината се непотврдените информации дека од неа детето може да добие аутизам. За ова многупати досега говореа и епидемиолозите од нашата земја, кои велат да дојде до вакво нешто не е возможно оти за ваквите претпоставки медицината нема докази.

Вакцинирањето против малите сипаници – морбили во Македонија почнало во 1971 година, а редовно имунизација има од 1972 година. Меѓутоа до 1987 година децата се заштитувале со една доза вакцина против морбили, кога била воведена ревакцинацијата. Родените пред 1971 година, кога не се давало вакцина, како и пред 1987 година кога почнала ревакцинацијата се прашуваат колку се заштитени од малите сипаници.

Во повеќе европски држави има епидемии на морбили, а прогласија и во соседни Албанија и Србија, денес епидемија беше прогласена и во Македонија. Од малите сипаници има и починати, а меѓу нив деца и бебиња. За да биде прогласено крај на епидемија, треба две недели да нема пријавено ниту еден новозаболен. Со прогласената епидемија на морбили, се проширува возраста за имунизација, за бебињата од 6 до 9 месеци и за возрасните до 45 години.

Јована Грчева