Како да се тргнат децата од улица?

Наместо во училишните клупи, над 170 деца секојдневно питачат на улица. Надлежните допрва ќе се обидат да го решат проблемот со кој се соочуваат најсиромашните семејства во земјава, особено оние од ромската заедница. Шест тима од Центарот за социјални работи деновиве ги евидентираат децата низ скопските сообраќајници со цел тие да добијат соодветно образование. Министерката Царовска признава – проблемот нема да се реши за една година.

Екипите кои работат на терен велат дека првиот контакт со децата на улица е тежок и тие најчесто се со голема недоверба кон институциите. Не ретко и децата и родителите им давале погрешни податоци со цел да го скријат својот идентитет. Оние, пак, кои соработувале од понеделник ќе бидат посетени и во нивните домови.

Инаку, телевизија Алфа минатиот месец ги посети ромските семејства кои живеат во импровизираната населба под скопското Кале. Таму затековме 15-тина семејства кои имаат нешто повеќе од 40 деца. Зад камерата ни признаа дека ниту едно од овие деца не посетува училиште, оти немале услови за тоа. Велат, наместо во школо, нивните деца секојдневно шетале по маалските контејнери за да соберат што повеќе пластични шишиња и хартија – бизнис од кој заработувале околу 300 денари на ден.

Биљана Божиновска