Како Битола да дојде до почист воздух?

Неколку месеци битолчани се гушат поради аерозагадувањето и енормната концентрација на ПМ- 10 честички во атмосферскиот воздух. Пред една недела, Битола постигна и европски рекорд, а огорченоста на граѓаните е голема. Сепак, овие два дена, поволните временски прилики го исчистија воздухот, но дилемите и натаму остануваат што и како да се прави.

Дождовите што два дена врнеа во Битола, го исчистија восдухот и барем засега битолчани можат да здивнат. Меѓутоа, не може секогаш природата да биде дарежлива и затоа треба да се бараат оние решенија кои што аерозагадувањето ќе го сместат во понормални рамки.

Дилеми има кои се најголемите загадувачи и што треба да се преземе. Од здружението Геосфера сметаат, според нивното истражување, дека најголеми загадувачи се домакинствата кои користат влажни дрва.

  • Вината не треба да се префрла само на домакинствата, бидејќи пред се Државата тука треба нешто да стори, бидејќи шумските претпријатија дистрибуираат влажно огревно дрво кое продуцира неколку пати повеќе ПМ- 10 честици во воздухот. Она што ние мислиме дека треба да се направи е измена на законските решенија за начинот на складирање и дистрибуција на сертифицирано суво огревно дрво – рече Мите Ристев, претседател на Геосфера.

Опозициските советници велат дека најголеми аерозагадувачи се котларниците на јавните објекти што работат без заштитни филтри, како и котларниците на 26 битолски училишта што се грејат со мазут и лесно масло. Сите заедно за една грејна сезона трошат над 2,8 милиони литри од овие енергенси за кои се плаќаат 2,2 милиони евра и ослободуваат огромна емисија на гасови.

  • Тука ги имам податоците за 42 објекти кои се во надлежност на централната и локалната власт на територијата на Општината Битола кои имаат инсталирано котларници, со вкупна моќност од 38 мегавати или во текот на една грејна сезона, потребна е топлинска енергија од над 27 милиони киловат часови. Зошто централната и локалната власт го стопираа проектот – Топлификација?- запраша Иванчо Тошевски, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Проектот Топлификација со готов елаборат и обезбедена конструкција од 39 милиони евра, актуелната власт го стави под тепих и сега ја турка гасификацијата, која за битолчани е далеку. Но, како стојат работите со РЕК Битола како еден од најголемите аерозагадувачи во Европа? Од таму велат дека најголемиот дел на пепелта во одлагалиштето е затрупана со земја и се гради заштитетн ѕид од 5 км, лани започна да се врши пошумување со 50. 000 багремови садници, а во тек е постапка за добивање на т.н. А- интегрирана еколошка дозвола, се вели во дописот на РЕК Битола. Сепак, опозициските советници сметаат дека овие мерки не се доволни и затоа од Владата со одлука на Советот, побараа субвенционирана струја за битолчани, за да го намалат греењето со фисилни горива. Барем засега, од Владата нема абер, а Општината и натаму ќе субвенционира пелети и велосипеди.

Петар Стефановски