НАЈНОВИ ВЕСТИ

Каде исчезнаа цистерните кои некогаш ги миеја скопските улици?

Скопје иако се удави во смет изминатата недела, сега ниту улиците не се мијат редовно. Не ги слушаме цистерните што порано навечер и наутро ги миеја улиците – се жалат скопјани пред нашата камела. И не само цистерните, се поретко можат да се сретнат и градските метачи во препознатливите униформи.

После траумата со крахот во Комуналец, кога метрополата се удави во мини депонии, сега Скопје како да е покриено со огромна прашина.

За тоа, дали комуналните цистерни за миење на булеварите повеќе не се во функција или сега работат со скратен распоред на работа, прашавме во Град Скопје, како и во јавното претпријатие КХС, но, надлежните очигледно решија да не понудат појаснување за јавноста и проблемите. Одговор до почетокот на овие вести нема.

Инаку пресметките на градоначалничката Арсовска и директорката Мазнева со вработените во скопското комунално претпријатие минатата недела резултираше со штрајк. Контејнерите се прелеваа, а јулското сонце, кучињата скитници и стаорците ја доведоа состојбата до степен да претставува закана по јавното здравје на скопјани. Во меѓувреме, советот на Град Скопје во обид да ја пресретне состојбата, на вонредна седница донесе серија одлуки, за, како што велат оттаму, спречување на еколошка катастрофа и појава на заразни болести.

Никола Цветкоски