Каде затаија институциите во последната трагедија што ја направи кумановецот убиец?!

Семејното насилство во Македонија e маѓeпсан круг од кој нема излез, а институциите се заспани и не се занимаваат со овој проблем, коментираат за Алфа дел од психијатрите кои работат со жртви на овој вид на насилство. Ако надлежните совесно си ја вршеле својата работа немаше да се случи масакрот во Куманово, во кој 46 годишен маж си ја закла сопругата и нејзината мајка, а потоа се самоуби бидејќи за него постојат 5 пријави и 2 условни пресуди за насилството изминатиот период. Тортурата ја вршел 10 години, а институциите процесуирале, но подоцна мајката, сега убиена, се повлекувала – не сакајќи натамошно продолжение на процедурите. Сепак тоа не е доволна причина да престане институционалната грижа за оваа жена, која на крајот заврши убиена токму од човекот кој го пријавувала.  

Според психијатарот Славица Арсова, жртвите на семејно насилство пред се, се плашат да пријават во полиција бидејќи се зависни од сторителите, и стравуваат за угледот и осудите од околината. Стравот и паниката, вели, се неизбежни, а социјалната изолација дополнително им создава тегоби и ги тишти.

  • Пациентите се постојано следени со едно чувство за страв и срам, и што ако кажат, околината ќе реагира. Тоа се луѓе што имале некои психолошки тешкотии во минатото и се со зголемен ризик за влошување во дадената ситуација, која предизвикува чувство на страв, несигурност и небезбедност кај целото население. Не можеш ти жена да удриш и после да седиш со неа и да живееш. Му се пројавува некоја нервоза, не знам како да ја наречам, тоа докторите подобро си го знаат, од која избувнува и од после и да се кае и да плаче веќе е џабе. Сигурно дека им се менуваат увидот и ставот околу конфликтот што се случил и насилното однесување, но тоа е веќе друг сегмент, ама институциите мора да се поажурни во работата, вели меѓу другото за Алфа универзитетскиот професор и психијатар, Славица Арсова.

Арсова додава дека институциите мора да бидат поажурни, за на долг рок да има некаков ефект.

Инаку, двојниот убиец од Куманово со години го малтретирал семејството. Добивал и забрана да се приближува на растојание од 100 метри до живеалиштето на жената и нејзиното работно место, како и до училиштето на детето. Додека го вршел злосторството, 8 годишното дете било затворено во соба и врескало за помош.

Освен Македонија и во земјите од регионот голем е бројот на случаи со семејно насилство, а медиумите секојдневно се полнат со вести за грозоморни убиства на жени.

Пред две недели, јавноста беше згрозена од убиството во Босна каде бодибилдер во живо на Инстаграм ја уби својата партнерка. На вознемирувачкото видео се гледаше како тој зема пиштол и испукува куршум во нејзиното чело, откако претходно ја тепаше.

Пред неколку месеци во соседна Србија татко во кофа со вода си ја задави 4 годишната ќерка бидејќи сопругата го пријавила за физичко насилство.

Борис Грујоски

Advertisements