Каде е Ковачевски? Летувањето на Премиерот како да стана најдобро чувана државна тајна
На плажа или во Влада, каде е Премиерот Димитар Ковачевски? Дали оди на работа или веќе го користи годишниот одмор, и ако го користи, каде заминал? Одговорите на овие прашања како да станаа најдобро чувана државна тајна. Алфа веќе неколку дена се обидува да добие одговор од владата за тоа кога и каде ќе летува премиерот, но прецизен одговор нема.
Во однос на вашето прашање ве известуваме дека Премиерот Ковачевски ќе користи краток годишен одмор заедно со семејството надвор од земјата, е кусиот одговор од владата.
Последен јавен настап на Ковачевски е одбележувањето на Илинден на скопското Кале, по што премиерот како да го снема. Неговото присуство во медиумите во последниве неколку дена, е само преку интервјуто на државната информатвна агенција МИА, кое се објавува во неколку делови, веќе три дена по ред. Кога е правено нема информации.
Опозицијата, пак остро реагира дека одговорите во интервјуто не се дел од реалноста и затоа, претпоставуваат дека тоа не е направено сега затоа што веројатно премиерот не е во државата.
Јавноста и денеска е покуса за информацијата каде летува Димитар Ковачевски и од кога е заминат во странство, имајќи предвид дека е објавено интервју со него кое што не кореспондира со реалноста и актуелните случувања. Да бевме малициозни ќе прашавме дали интервјуто е резултат на изложеност на сонце или место Ковачевски одговарал Артан Груби?, ова денеска преку прес-конференција го прашува Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Криењето на летната дестинација на премиерот не е новина. Владата и минатата година не откри каде тој летувал, дали во некое домашно одмаралиште, хотел или вила, или заминал во странство на море. Бихаќа и Илинденска и тогаш играа пинг – понг со одговорот. Од СДСМ потврдија дека е на одмор, а пак за агенда упатија во Влада. Таму, судејќи по одговорот лани не знаеле дека премиерот им е на одмор, па одговорија дека кога ќе одел ќе известат, нешто што никогаш не се случи.
Инаку Јадранот е меѓу омилената дестинација за политичарите. Шефот на државата веќе одмора во Италија . Како што не информираа од неговиот кабинет тој е веќе во Италија од 4-ти август
Во врска со вашите прашања ве информираме дека од 4 август , претседателот ќе оди пет дена приватно во Италија со семејството , велат од неговиот кабинет.
Лидерот на опозицијата пак , како и минатата година и годинава ќе одмора во Црна Гора, а неговиот заменик Александар Николоски дел од одморот ќе го помине во родниот Охрид.
Кристина Алексиеска