Кавга за здравството, опозицијата обвинува за лоши политики

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања и оправдувања за новиот Клинички центар, чија градба десет години никако да започне. Повод за собраниска дебата, во делот пратенички прашања, се најде во износот од 480 милиони евра, кој за опозицијата е преголем, оти тие за оваа намена предвиделе четири пати помалку, односно, околу 120 милиони.

Премиерот Заев, во отсуство на ресорниот министер Филипче, одговори дека студијата врз основа на која е утврдена сумата, датира од времето кога власта била во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, износот е поголем оти се зголемил бројот на згради, па наместо една, сега ќе имало повеќе.

Премиерот не спомена од каде државата ќе земе кредит, ниту пак колку време ќе биде потребно за финализирање на проектот кој ниту неговата, а ниту претходната не успеа да го стартува.

На последната средба со новинарите, Филипче посочи дека темелите на Клинички ќе се удрат годинава, како и дека се бара начин како Ценарот да биде готов за четири години.

Здравствените власти побарале и совет од странски фирми, од Австрија, Германија, па дури и од Американци кои граделе слични Центри за опцијата „готов пакет“ со клуч на рака. Државата да плати изработка на проект и изградба на центарот во едно. Сегашниот закон ова, не го дозволува.

Постои веројатност, со продажба на дел од парцелата која се простира на 200 илјади квадратни метри во најатрактивниот дел од метрополата, каде што во моментов се наоѓа Клинички, да се враќа кредитот што власта ќе го земе за да го изгради новиот, кој треба да „никне“ во Веле Поле, во Ѓорче Петров. Пазарната вредност на парцелата може да надмине и 100 милиони евра.

Сања Трајковска Ставров