Кавга во партијата на Турците – се бара смена на Ќахил од министер во Владата

Недемократско однесување, барање рекет или изнудување на гласови за уставни измени. Кавги и несогласувања во Партијата за движење на Турците. Го исклучија почесниот претседател на ТХП министерот без ресор Аднан Ќахил и уште 6 членови меѓу кои и негови братучеди. Бараат и Владата да го разреши од функцијата.

Според партиски извори, наводно исклучувањето било поради вмешаност на Ќахил во криминал и рекет. Министерот го негира ова.

Аднан Ќахил – Едни што беа против мене што јас ги дадов на суд, со нив комуницирал, ги поттикнувал да зборуваат со мене, а јас ги дадов на суд – веќе ќе има и судска разрешница за таа работа. Зошто на суд? За што станува збор? Па исто – некого сум рекетирал јас, правел, но кога отиде во суд, нема ништо, нема документи.

Дали очекувате Премиерот да Ве разреши? – Јас не екстраполирам со ништо. Премиерот е премиер, јас сум преговарал со него. Дали имавте контакти денеска за ова ? – Јас имам секој ден контакти, но не разговараме за оваа работа.

Ќахил денеска даде различни изјави за медиумите, во една од нив вели дека неговото исклучување од партијата било поради тоа што претседателот на партијата Енес Ибрахим кој воедно е и пратеник в, го уценувал премиерот Заев, затоа што му бил потребен неговиот глас во Собранието.

Ибрахим не сакаше да зборува пред камера, но во телефонски разговор за Алфа тв, кажа дека расколот кулминирал на 13 септември на состанокот во скопската организација кога Аднан Ќахил заедно со негови луѓе направил упад.

На 16 септември пак луѓе блиски на министерот наводно физички нападнале и му се заканувале на член на извршниот одбор. И самиот Ибрахим вели дека добивал закани по животот, а за сето ова бил известен и премиерот Заев.

Токму тој заедно со коалициските партнери треба да одлучи дали Ќахил ќе продолжи да седи во министерското столче. Портпаролот на Владата денеска порача дека Илинденска број 2 не била адресата за ова прашање. Одговорите требале да се бараат кај партиите.