И училишниот прибор стана луксуз – економската криза удри длабоко по џебот на родителите
Економската криза и безпарицата, почетокот на оваа учебна година го направија неподнослив за родителите. Речиси целиот прибор е поскап за над 50%, па многумина не знаат од каде ќе најдат пари да ги опремат дечињата за во училиште.
Нов голем финансиски товар ќе им донесе новата учебна година на родителите, кои веќе почнаа да ги подготвуваат своите деца за училиште. Се купуваат тетратки, училишен прибор, ранци и останат училишен материјал, но за разлика од минатите години сега цените се повисоки во просек од 50 до 60%. И тоа нее се. Тука влегуваат облеката и патиките за децата кои исто така надминаа 60% поскапување. Алфа направи обиколка во неколку книжарници и бутици за деца, каде родителите брзаа да ги израдуваат децата, но како што велат, кој колку може.
- Колку можеме толку, важно да им пружиме убав почеток од учебната година, правиме се ние како родители, како баби и дедовци, сепак и тие се наши деца, велат родители за Алфа.
Според информациите од книжарниците, семејствата кои имаат прваче ќе треба да одвојат околу 3.500 денари за моливи, пенкала, боички, ножички и несесер со вклучен прибор, од 500 до 1.000 денари за тетратки, а трошоците за ранец се движат од 1.000 до 6.000 денари во зависност од моделот, квалитетот и брендот. Облеката е дополнителен трошок. Иако се уште е топло, сепак за нови патики, маички, фармерки, јакна, родителите ќе треба да одвојат најмалку 10.000 денари.
- Сето ова е скапо. Тешко нас, родителите. Не стига за јадење, камо ли за нешто повеќе. Не знам што ќе се прави, а мора да се облече детето, сепак е нова учебна година. Мислам дека ќе биде многу тешко, но сепак мора нешто да се прави, се жалат граѓаните на скапотијата.
За учениците од второ до деветто одделение трошоците се за нијанса помали, велат од книжарниците, затоа што можеби учениците се уште имаат материјали од минатата година и можеби нема да купат нов ранец.
Најголем скок на цените има кај тетратките што, според книжарниците, се должи на поскапувањето на хартијата. Ако цената на една мала тетратка пред пандемијата била 10 денари, сега за истата тетратка се плаќа двојна сума односно 20 па и 30 денари. Поквалитетните тетратки кои пред пандемијата можеле да се купат по цена од 30 денари, сега се поскапи до 50% односно нивната сегашна цена се движи стига до 70 денари.
За оние родители со подлабок џеб трошоците за првиот училишен ден не се проблем, но оние со минимални примања ќе треба да направат големи напори за да им ги обезбедат сите потреби на своите деца за почетокот на учебната година.
Па така, за некои почетокот на учебната година носи голема радост, но на некои тага. Како и да е, сеедно скапо или евтино, учениците се тие што ќе треба да ги оправдаат направените трошоци со учење и постигнување на резултати.
Борис Грујоски