И тепаниот и тепачите се дел од иста групација – И Спасовски му сврте грб на Османи околу Пендиков
Пендиков е жртва заради Бугарската самосвест или дел од група која води хибридна војна против Македонија? Двајца министри, две верзии за мотивите зад инцидентот кој ги запали односите Скопје-Софија. Спасовски и Османи како да не работат во иста влада. Министерот за внатрешни денеска излезе со сосема различна верзија на тоа што досега беше став на министерот за надворешни. За него сите кои учествувале во пресметката биле „луѓе од иста групација, и тие што тепаат, и тие што биле тепани”
- „Луѓе од иста групација се и тие кои тепаат и тие кои се тепани. Тоа ја докажува таа хибридна војна. За секое инкриминирачко дејство што се прави државата реагира во овој дел и ние кажуваме дека не може во ниту еден момент, ниту еден граѓанин, без разлика на национална, верска, политичка и која било друга припадност да биде физички нападнат и да биде малтретиран. На тоа државата јасно ќе се спротивстави и ќе преземе мерки какви што презема и во овој случај“, рече Спасовски.
Овој став на Спасовски е сосема различен од тој на неговиот колега Османи кој од Пендиков направи жртва, се сочуствуваше со неговата мајка, па дури отиде до Софија да го посети во болница. Не ги дочека резултатите од истрагата и дури излезе со скандалозна изјава дека повеќе и верувал на мајката која обвинила дека синот и е натепан затоа што е Бугарин.
- „Мене ми е важно тоа што го кажува самиот Христијан и мајката на оштететниот, а тоа е дека е поради изразување на етничка припадност, и покрај тоа што еве сторителите кажуваат обратно, дека имале претходно некакви си разлики“, рече Османи во интервјуто.
Па откако се врати во Македонија, Османи се правдаше дека изјавата му била извадена од контекст и дека ја дал по објавувањето на деталите од истрагата од Обвинителството.
Токму тоа соопштение покажа дека Пендиков е фатен како дава два различни искази: Првиот пат тврдеше дека бил нападнат од три лица кои ги познава, додека при вториот распит тврдел дека бил нападнат од едно познато и две непознати лица. Несовпаѓања имало и во исказите на сведоците на инцидентот, но обвинителството тврди дека има обезбедно видео снимки за да го расчисти случајот, на што јавноста уште е во исчекување.
Освен ова, за правниците недозволиво беше што Пендиков ја напуштил државата пред истрагата за тепачката не биде финализирана, а обвинителството воопшто не било консултирано.
Викторија Миткова