И пред и после Ескобар, единствениот излез од македонскиот ќорсокак се брзи избори
Висок дипломатски тон за уставните измени и неизвесна жешка политичка есен, вака дел од експертите ги коментираат последните случувања на македонската политичка сцена, особено по посетата на високиот претставник на САД Габриел Ескобар.
Соединетите држави се умешни дипломати, па со оглед на нивната пракса досега, изјавата на Ескобар е онаква како што се очекува од еден претставник на светската дипломатија, вели политичкиот аналитичар Благојче Атановски.
Дали предвремени парламентарни избори ќе се реализираат со оглед на спротивставените ставови на власта и позицијата, како и условувањата од меѓународниот фактор на патот кон евроинтеграциите, Атанасовски потенцира дека легитимно право на опозицијата е да остане на тврдиот став и да инсистира на брзи избори. Според него, иако СДСМ е упорна дека не сака предвремени, коалициониот партнер ДУИ може да направи пресврт, вели тој.
Со оглед на тензичниот политички период, се понеизвесни стануваат редовните избори, кои според временската рамка, треба да се одржат на пролет.
Во меѓувреме, политичката и општествената сцена во Македонија ,од ден на ден се повеќе се заплеткува. Ветени, но неисполнети преговори со ЕУ, сомнителни тендерски набавки вредни вртоглави милионски суми, коруптивни скандали речиси во секоја пора на општеството, протести на пензионерите кои се борат за минимум покачувања на пензиите наспроти покачените функционерски плати дури за 78 %.
НАродот не е само незадоволен од власта, туку анкетите говорат дека над 80% од граѓаните не сакаат под овие услови, Македонија да го започне преговарачкиот процес со Европската унија.
Сепак, власта упорно бега од предвремени избори и инсистира да ја убеди опозицијата да гласа за вметнувањето на Бугарите во Уставот.
Како најреално сценарио кое може да го очекува Македонија во наредните месеци, со оглед на последните случувања околу уставните измени, е што поскоро распуштање на парламентот и распишување на предвремени избори.
Паула Костадиноска