И по цела недела потрага се уште нема ниту трага, ниту глас од изчезнатиот 64-годишен крушевчанец

Последната рутинска утринска прошетка на дементниот 64-годишен крушевчанец Кирил Пупуноски од дома до блиската клупа во паркот кога на 22-ри декември излегол со своето куче, се уште останува обвиена во мистерија. И по една недела откако последно бил виден и на безбедносната камера, но и од двајца соседи, од него нема ниту трага, ниту глас. Единствено, кучето се вратило само дома. Иако семејството ја започнало потрагата само по десетина минути откако забележале дека го нема, веднаш алармирајќи ја полицијата, ДЗС, куче трагач, хеликоптер, дрон, ловџии, сепак резултати, за жал, нема. Досега, пребарани се околните населени места, шумските појаси, низинските места, како и колиби, напуштени куќи, штали и слични места. Семејството моли за секаков вид информација и помош во потрагата.

 „Имаше рута до една клупа. Ние што ја викаме „Клупата“ во Крушево. Се движеше дотука со кучето и си се враќаше дома. Досега, така да напушти сам му се нема случено. Во последните неколку дена, некако беше растревожен, дека сончево времево и него го привлекуваше сонцето и сакаше да излезе. Според камерите што ги гледаме, на едната камера е кај што излегува и гледаме го сретнува еден човек на самиот излез и уште еден човек го сретнува погоре, над клупата, како што се враќа веќе за дома. И оттука му се губи секаква трага. Коливе што ги контактиравме, што поминале во тој момент, никој не го забележува“, – ни изјави за Алфа неговата снаа, Моника Пупуноска.

  Во меѓувреме, освен Пупуноски, од 10-ти декември, исчезнат е и 68-годишниот прилепчанец Петре Козароски, на кого, исто така, трагата му се губи во утринските часови, во близина на неговата куќа во центарот на Прилеп. Потрагата се уште е отворена и по малиот Петар Џобоски кој исчезна во мариовското село Врпско од дворот на семејната куќа, во февруари годинава.

   Од МВР велат дека континуирано работат на расветлувањето на сите случаи и дека потрагата ќе трае се’ додека не бидат пронајдени исчезнатите лица.

Каролина Дурло

Advertisements