И по три месеци ниту трага од малиот Петар, а веќе една недела е исчезнат и 32-годишниот битолчанец, Никола

  „Многу ни е тешко. Три месеци се сторија, а ние немаме никаков абер што се случи со нашиот Петар. Неговиот најмал брат постојано го бара, оти си играа заедно, си беа навикнати еден на друг, плаче“, вели таткото на малиот Петар кој на 25 февруари исчезна од дворот на татковата куќа во мариовското село Врпско. Но, Стојан не губи надеж. Иако организираните потраги се изретчени, сепак тој продолжува да ги пребарува доловите и дупките во непристапното Мариово.

  „Тие истражуваа, сега ново ништо немам разбрано. Барам кога одам јас таму..на сесе сомневаме, на човек, на луѓе..малку сега може и на животни оти има таму, ама некоја таква трага од аливце за нешто за животно нема. Повеќе како грабнато да е…Ние од селото баравме пред месец и пол, а Полицијата, има месец откако ги видов да бараат…и тогаш се сретнав со нив и не знам дали одат или не одат, не ме информираат мене“, – ни рече Стојан Џобоски, татко на 10-годишниот Петар.

  И додека потрагата по Петар се уште не дава никакви резултати, пред една недела за исчезнат е пријавен и 32-годишниот Никола Николовски од битолското с. Буково. Очајното семејство вели дека повеќе не знаат каде да го бараат, па секоја информација им е добредојдена.

  (телоп) „Николче излезе во петокот на 13-ти мај, околу пладне, за да ја поправи гумата на својот автомобил „Форд Фиеста“ и оттагош му се губи секаква трага. Никогаш не направил вакво нешто. Тој е високо образован и многу интелигентен, но е и многу затворен како личност. Не е кавгаџија, повлечен си е во себе. Не знаеме што можело да му се случи“, – ни кажа негова блиска роднина.

  Од МВР велат дека работат на расветлувањето и на двата случаи и дека потрагата ќе трае се додека не бидат пронајдени исчезнатите лица.

  Инаку, од 1987 година досега во Македонија како исчезнати се водат 280 лица, помеѓу кои има малолетни лица, па дури и едногодишно бебе. Според податоците на веб-страната од МВР, од почетокот на годинава, официјално како исчезнати се водат четири лица, помеѓу кои најмлад е малиот Петар. Најстариот случај е датиран од пред 35 години кога исчезнало петгодишно дете од Скопје и кое до ден – денес не е пронајдено.

 Каролина Дурло    

https://youtu.be/EchUteF4WS4  

Advertisements

Поврзани вести