И политичарите на одмор – кој за која дестинација се одлучи?

Претседателот Пендаровски ќе одмори неколку дена во Британија, а спикерот Џафери ќе се плажира во Албанија. Само од Владата не добивме одговор за која дестинација се одлучил премиерот. Од партијата на Ковачевски потврдија дека тој деновиве е на одмор, ама која му е агендата не упатија одговор да бараме на Илинденска.

Оттаму дури доцна попладнево добивме кус одговор.

Кога премиерот Ковачевски ќе оди на одмор, соодветно ќе ве информираме, велат од Илинденска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски со семејството е во Црна Гора. Политичарите ги одбраа локациите каде ќе одмараат ова лето.

Пендаровски нема да оди на класичен одмор, туку заедно со сопругата ќе биде неколку дена во Обединетото Кралство. За тоа средства шефот на државата одвоил од сопствениот буџет.

Претседателот нема да користи класичен одмор, само неколку дена ќе и се придружи на сопругата која е на студиски престој во Британија. Трошоците за патувањето и престојот, претседателот ги покрива од приватни средства, одговорија од Кабинетот на Пендаровски.

На првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ очигледно Јадранот му е омилена дестинација, а истото важи и за месецот во кој летува. Слично беше и пред две години кога тој отпатува во Хрватска и тоа непосредно по одбележувањето на Илинден.

Претседателот Мицкоски својот неколкудневен летен одмор го поминува на црногорското крајбрежје, при што го искористи времето да биде со своето семејство, велат од паријата на Мицкоски за Алфа.

Минатата година поради состојбата со пожарите Мицкоски остана дома иако, како што рече тогаш, имал силен притисок од домашните да одмораат заедно.

И спикерот Џафери последните неколку години одмара на Балканот, а оваа е втор одмор по ред кој го поминува во соседна Албанија, велат од неговиот кабинет за Алфа.

Народните избраници веќе се плажираат. Одморот им почна од 1-ви август, а на работа ќе се вратат крајот на месецот. 

Викторија Миткова