И покрај полициската забрана, илјадници присутни на протестите во Хонг Конг

Илјадници демонстранти во Хонг Конг се собраа денеска и покрај полициската забрана за демонстрации и да продолжија со протестите поради кои полицијата испука солзавец кон учесниците во текот на ноќта.

Антивладини протести се одржуваат на различни локации од тој азиски финансиски центар, вклучително и на меѓународниот аеродром каде што демонстрантите се присутни трет ден. До пладне, повеќе од илјада демонстранти облечени во црно го преплавија аеродромот извикувајќи „Ослободете го Хонг Конг“ и „Револуција на нашето доба“.

Во градскиот парк Викторија, илјадници луѓе, вклучително и стари лица и семејства со деца, и покрај жештините, побараа властите да ги почитуваат барањата на јавноста, особено бараат независна истрага за начинот на кој властите се справуваат со кризата и полициската бруталност. Полицијата денеска соопшти дека уапсила 16 лица за време на вчерашните протести, под обвинение за незаконски собири и поседување оружје. Од почетокот на протестните митинзи во јуни, полицијата уапси повеќе од 600 луѓе.

Поранешната британска колонија Хонг Конг со месеци е зафатена со протести, првично насочени против предлог-законот за екстрадиција и гонење во Кина, за да прерасне во барања за поголема демократија.

Кина порача дека централната власт нема да седи мирно и да дозволи ваквата ситуација да продолжи. Властите во Хонг Конг, исто така, оценија дека насилството и илегалните протести го туркаат градот во исклучително сериозна ситуација.