И покрај обилните врнежи, Преспанското Езеро не ги надомести очекуваните количини вода за овој период од годината

„Со пролонгирање од 15-тина дена поради секојдневните врнежи, пролетниот максимум на нивото на Преспанското Езеро е достигнат дури деновиве. Но, поради слабите снежни врнежи, нивото не успеа да се покачи до горната линија на трендот и претходно испрогнозираниот пролетен максимум околу кота 842.28 см.“, ни изјави за Алфа, проф д-р Дејан Трајковски, кој со години ги следи се’ позагрижувачките осцилации на водите од Преспанското Езеро и кое секојдневно ни умира на очиглед на сите.

  • „Оваа кота ни покажува дека од ланскиот пролетен максимум, езерото изгубило дури 27 см од нивото што е значително повеќе од очекуваните 18 см. Овој пролетен максимум е дури и под есенскиот минимум од декември 2020 година. Прогнозата за минимумот што ќе биде достигнат во средината на декември е околу нивото 841.70 см, односно околу 52 см пониско од моменталното. Така, новиот повеќедецениски максимум се очекува да биде понизок за 20-тина см од ланскиот рекорден минимум“, – прогнозира проф. д-р Дејан Трајковски.

Дека состојбата со Преспанското Езеро со години е повеќе од алармантна, не е веќе никаква тајна. Според последните официјални пресметки на Министерството за животна средина од 2021 година, Преспанското Езеро досега загубило фрапантни 53 милиони кубни метри вода што е еднакво на една вештачка акумулација, тврдат преспански еко-активисти кои се повикуваат на анализите од професионалните екологисти. Меѓутоа, Владата освен што дава декларативни ветувања дека ќе работи на овој проблем, досега конкретно не презела ништо.

  • „Ние разговаравме со ресорните министерства во врска со овој проблем и дека во наредниот период ќе мора да се изработи анализа врз основа на која ќе може да се определат активности и мерки како да се спаси Преспанското Езеро, исто како што во минатото беше направено и со Охридското Езеро“, – кажа премиерот на Димитар Ковачевски на 21.01.2023.

Што е уште пострашно и поапсурдно, неодамна, со назнака „итно“, Владата побарала од општина Ресен дури да ги врати претходно замрзнатите наменски средства во висина од 84 милиони денари, а кои се наменети токму за спас на Езерото. Ова барање Општината категорично го одбила, независно од евентуалните можни последици или казни кои би ги претпела.

Каролина Дурло

Advertisements