И покрај наследените долгови и тековната криза, прилепски „Комуналец“ го осовременува сопственото работење

   Прилепски „Комуналец“ и покрај битката со наследените долгови од претходното раководство, извршните решенија кои им тропаат на врата, енормно зголемените сметки за струја, како и со сеопштата криза која удри врз земјава, сепак успева да го осовременува сопственото работење. Со помош на општина Прилеп, од Бирото за регионален развој, набавена е нова, современа 9-тонска цистерна за одржување на градската хигиена, во вредност од околу 100.000 евра. Возилото е од голема важност ако се знае дека добар дел од постоечкиот возен парк во ова претпријатие датира уште од 80-тите години и е застарен.

   „Оваа 9-тонска цистерна е набавена со аплицирање преку општина Прилеп за проектот „Подобро одржување на јавно-прометните површини“, а се разбира и одобрена од Бирото за регионален развој“, – истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

  „Сега имаме три цистерни. Двете се од постар датум, а ова е ново возило. Нема да биде лошо да имаме уште едно возило и во иднина се надеваме дека ќе го добиеме“, вели Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.

    Во исто време, веќе интензивно се работи и на набавката на специјализирано возило за современо заловување и соодветно третирање на кучињата-скитници, кој е еден од горливите проблеми со кои се соочува градот.

  „Засега заловуваме кучиња на стар, примитивен начин. Со таа додатна опрема–пнеуматска пушка, кучињата би се заловувале многу поедноставно. Што значи кога би ги добиле возилото со комплет опремата, во наредните 2-3 месеци таа проблематика ќе биде решена на највисоко ниво. Нема да има кучиња скитници“, – обајснува Абрашоски.

  Инаку, ЈКП „Комуналец“ од претходното раководство наследи долг од околу 820.000 евра. А со извршно решение од 5-ти август, претпријатието се задолжува да исплати околу 6 милиони денари за неприфатени фактури и непримена стока од оперативно-технничкиот оддел за две половни возила за метење и чистење на улици, а за кои возила уште во 2019-та година, било констаирано дека се неисправни и нефункционални.

Каролина Дурло

Advertisements