И власта и опозицијата согласни – бојкотот не е опција

На сите досегашни претседателски избори цензусот не бил доведен во прашање и шефот на државата бил избран во рамки на пропишаните услови. И Киро Глигоров и Борис Трајковски и Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов, без разлика на негодувањата од поразениот противник дека победиле нерегуларно, без избрани со мнозинството од оние над 40 неопходни проценти на гласачи кои излегоа на изборите во 1994, 1999, 2004, 2009 и 2014 година.

Иако едно гласно малцинство заговара граѓаните да останат дома на 21 април и петти мај, од ВМРО-ДПМНЕ јасно порачаа дека бојкотот за нив не е опција, а овие избори се совршена можност за делегитмирање на политиките на Заев.

Премиерот претходно најави дека е подготвен дури и со уставни измени да обезбеди избор на претседателот во Собрание доколку нема доволна излезност од граѓаните.

Инаку изборот за претседател во Собрание беше споменуван како опција уште кога на маса стоеше опозициската понуда за предвремени парламентарни заедно со претседателските избори. Тогаш се шпекулираше дека ако не се случат двата избора заедно, опозицијата ќе бојкотира што значи нема да има цензус, но подоцна Мицкоски ги расчисти дилемите нагласувајќи оти бојкотот не доаѓа предвид. Изборот на претседател во Собранието беше идеја на ДУИ, а и албанската опозиција смета дека тоа е исправно, но не сега туку дури по завршувањето на мандатот на претседателот кој ќе биде изгласан од граѓаните во овој циклус.

Станува извесно дека сите релевантни политички чинители ќе сторат се за да ги обезбедат фамозните 40 отсто во вториот круг, но сепак конечниот збор ќе го имаат граѓаните од чија волја ќе зависи кој и на каков начин ќе заседне во вилата на Водно.

Драган Милосављевиќ