И Бугарите „ги фатија летоците“ за Автономна Македонија, македонската влада со остра осуда

Покрај грчката, и бугарската јавност се заинтересира за летоците со повик „Автономија за Македонија“ кои пред десеттина денови биле растурени во регионите околу Серес и Воден.

Бугарската новинска агенција Фокус ја пренесува веста коментирајќи дека се потпишани од „досега непознатата организација ВМРО Обединета која ги повикува словените во Егејска Македонија да се обединат во една автономија“.

Грчката телевизија Стар која ја објави репортажата пишува дека се работи за „сомнителен настан без преседан од екстремни кругови во северна Грција“, забележувајќи и дека повикот за автономна Македонија кој е напишан и на грчки јазик има печатна грешка.

Новинарите на Стар анализираат дека ваквата реторика дошла дури и го „големи новински мрежи како Би-Би-Си“ поради изјавата која британскиот сервис ја побарал од Јанко Бачев, после избувнувањето на грчката јавност поради репортажата на Би-Би-Си за непризнатото македонско малцинство во Грција.

Грчките новинари пишуваат дека информацијата за ваквите летоци дошла и до премиерот Заев додека бил во Виена и дека тој наредил итна осуда на неодговорната постапка. Новинарите од Стар ТВ побарале коментар од македонската влада, на што портпаролот Миле Бошњаковски им одговорил дека „нашата влада најостро ги осудува сите неодговорни акти кои се во спротивност со принципите на Преспанскиот договор“.