ИЈЗ: Во Охридското езеро пливаат и фекалии, ама водата била безбедна!

Според наодите на институтот, во фазата на третман на отпадни води постои само дробилица за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото.

Извештајот го елаборира квалитетот и здравствената безбедност на површинските води за капење и проценка на здравствениот ризик пред почетокот на летната сезона.

Единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол”, хотел „Бисер“, наведено е во извештајот.

„Согласно постојните информации за извршениот санитарно-хигиенски увид од Центарот за јавно здравје – Охрид, перзистираат објектите од последните години наназад кои не се вклучени во колекторскиот систем, а претставуваат потенцијални загадувачи. Тоа се хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на охридското крајбрежје, од хотел „Десарет“ до Св. Наум, потоа, хотелско-угостителските објекти и туристичките населби од Струга до Радожда.

Во него пишува дека потенцијални загадувачи се и приватните куќи сместени на брегот од охридското езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до приобалниот дел на населба Канео.

„Потенцијални загадувачи се и шанкови поставени на самиот брег на езерото на самите плажи, како и испустни цевки за собирање на атмосферски води кои се влеваат езерото, со можност за (намерно или ненамерно) приклучени отпадни фекални води од колективните станбени згради и приватни куќи“, пишува во извештајот.

Трпејца, Љубаништа и Радожда за комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба.

„Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или бидејќи се наоѓаат на самиот брег од плажата понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото“, наведено е во извештајот.

Во однос на микробиолошките параметри, квалитетот на примероците површинска вода се класификацираат како „одлична“ во поголемиот дел од мерните места. Квалитетот на примероците површинска вода од мерните места Пристаниште (плажа), Градска плажа Мизо, Андон Дуков (плажа), Машка и Женска плажа Струга, хотел Бисер Струга (плажа), с. Калишта Струга (плажа), Радожда Струга (плажа), камп Ас Струга (плажа), се оценуваат како класа „добра“.

Во извештајот се наведени предлог-мерки за подобрување и заштита на здравствената безбедност на крајбрежните (површински) води на Охридско езеро, а некои од нив се – целосна изградба и поврзување на колекторскиот систем, како и негова поправка на места каде има дефекти на истиот. Потоа, сите хотелско-угостителски објекти, приватни куќи, колективни стамбени згради, како и селските населби од Св. Наум до Радожда, да се приклучат во колекторскиот систем а не во одводниот систем за атмосферски води.

Извештајот содржи и податоци од мониторингот на квалитетот и безбедноста на водата во Преспанското и на Дојанското езеро. Согласно податоците (извршените анализи) на ИЈЗ за површинските води од трите природни езера, состојбата во однос на микробиолошките параметри за класификација на водите за капење е задоволителна, односно оценета е како „одлична“ во најголемиот број случаи.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста