Италијанската Влада не се откажува од зголемување на јавните трошоци

Вицепремиерот на Италија, Луиџи Ди Мајо, вети дека нема да се откаже од новиот предлог за буџетот, откако Европската комисија изрази „сериозна загриженост” во врска со предложеното значително зголемување на јавните трошоци.

Ди Мајо, лидер на популистичкото Движење пет ѕвезди, рече дека „нема план Б” за планот што предвидува дека буџетскиот дефицит ќе се зголеми на 2,4 отсто од бруто-домашниот производ следната година.

Со предложениот буџетски предлог, владата на Италија сака да ги исполни предизборните ветувања во врска со минималната плата на лицата кои бараат работа, со намалување на даноците и реформа на пензискиот систем.

Владата на Италија, на крајот од септември објави буџетски предлог кој предвидува значително зголемување на јавните трошоци, со што буџетскиот дефицит ќе достигне 2,4 отсто од БДП следната година. Тој потег, со кој Рим ризикува конфликт со ЕУ, ги вознемири финансиските пазари и владите на другите земји.