Две од трите фирми со кои државната компанија Електрани на Македонија склучила договори за набавка на јаглен, вреден безмалку 10 милиони евра имаат ист човек во сопственичката структура, 45-годишниот тетовец Аљибер Ибраими, објавува порталот „Призма„.

– „Податоците од Централниот регистар покажуваат дека првата фирма, со име „Куантум Солушнс„, е регистрирана на денот кога ЕСМ го распишала јавниот повик за набавка на јаглен, на 31 март годинава. Тој, до минатата недела, беше нејзин единствен сопственик и управител, кога во сопствеништвото на фирмата влегол Лазар Кимов. Втората, пак, „Енергија Икс„ ја поседува заедно со бизнис-партнерка од Скопје, 44-годишната Ана Христовска, а почнала со работа на 5 мај, кога повикот веќе течел. И двете се микро-компании и се регистрирани за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива.“ – Пишува Призма.

На 13 јуни, комисијата за јавни набавки на ЕСМ го затворила повикот и објавила дека се избрани четири понуди за набавка на 550 илјади тони јаглен поднесени од три фирми.

Увезувањето јаглен наместо струја беше најавено како една од клучните мерки со кои владата ќе се справува со големата енергетска криза со која се соочува целиот свет. Најголемиот дел, 400 илјади тони, ќе го обезбеди албанската компанија „Хај Тауерс„ од Тирана, која ќе носи јаглен од својата земја и за тоа ќе наплати 22 милиони евра. Албански јаглен ќе увезува и „Енергија Икс„, 50 илјади тони, а „Куантум Солушнс„ треба да донесе 100 илјади тони јаглен од Грција.

Со тоа, овие две фирми, речиси непосредно по формирањето, добиле државен бизнис вреден околу девет и пол милиони евра. Според Призма, никаква информација не е достапна за овие компании, освен адресите на кои се регистрирани во главниот град. Тие немаат ниту телефонски броеви, ниту имејл адреси, ниту профили на познатите социјални мрежи. А немаат ниту активни канцеларии на адресите што ги навеле.

Никола Цветкоски

Advertisements