Историја по бугарски тек среде Македонија: Покрај учење на бугарскиот јазик, гратис се учи и историја која не ги признава Македонците

Покрај бесплатен курс по бугарски јазик, среде Македонија добивате и гратис часови по историја по бугарски терк. Средношколка која што се подготвува своите студии да ги продолжи во Софија, за Алфа сведочи дека била негативно изненадена, кога отишла на часовите по бугарски јазик, а таму добила и лекција по историја, чија наука не го признава постоењето на Македонците и Македонскиот јазик.

-Се запишав на курсот бидејќи размислувам да студирам во Софија. Меѓутоа, кога отидов на првиот час бев изненадена бидејќи освен бугарски јазик, поголем дел од времето беше посветено на предавања за историја. Не знам дали ќе отидам и наредното предавање, сведочи една средношколка за Алфа.

Провокациите кон Македонците не се никаква новост, а најмногу доаѓаат од бугарската Фондација Македонија, која дава и 30 евра месечно доколку се одлучите да го учите бугарскиот јазик. Икану оваа организација на својата Фејсбук страна често објавува провоцирачки постови кон нас. Еден од нив е и географска карта каде се избришани границите меѓу двете држави, а Македонија е претставена како бугарска територија.

-Ќе бидеме пак едно, за тоа работиме, за тоа живееме, за тоа се трудиме, се вели во објавата.

Провокациите од организацијата предводена од Виктор Стојанов, не се никаква новост. Па од нивна страна беше поставено и бугарско знаме на споменикот на Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје.

Фондација Македонија повторно го исчисти споменикот на Георги Делчев во Скопје, пишува „Фондација Македонија“.

Инаку, „Фондација Македонија“ беше актуелна и  пред неколку месеци кога низ Скопје ги залепи налепниците дека сме биле еден народ со Бугарите. За тоа се пофалија и на Фејсбук. А сега исти такви нуди и преку Фејсбук доколку сакате сами да си залепите.

-Којшто живее во Македонија и сака да ги рашири овие стикери, нека ни пише, за да му и испратам и да ги залепи во родниот град, село или кварт на Македонија. Нашите активисти во Македонија ги шират тие стикери. Ние сме еден народ и едно опшстество. Имаме 50.000 такви стикери, пишува на Фејсбук.

Виктор Стојанов, на јавноста првично и стана познат лани, кога преку социјалните мрежи нудеше на подарок бугарски книги на македонски граѓани. Акција за која се фалеше и со видеа на социјалните мрежи, потенцирајќи дека станувало збор за бугарски народни песни од Браќата Миладиновци.

-Здраво, пристигнавме во Скопје, зад мене се книгите, тука имаме луѓе кои чекаат да ги земат. Сега ќе ги растоварам и ќе отидам во уште неколку градови каде што ќе ги растоварам книгите. Сите книги ќе бидат дадени на 920 луѓе, 920 книги бугарски народни песни од Браќа Миладинови, вели Стојанов.

Како и за многу други потези и за овие на „Фондација Македонија“ повторно молк од македонските власти, на многу пати досега поставените прашања дали ќе реагираат, како по обичај одговор никогаш нема.

Матеја Петровски