Историчарите бесни: Од септември шестоодделенците ќе учат искасапена историја која личи дека е напишана од бугарски и грчки историчари
Шестоодделенците во Македонија од септември ќе учат историја која личи дека е напишана од бугарски и грчки историчари. Остри реакции од експертската фела околу програмата за предметот историја и општество за шесто одделечение. Универзитетсктата професорка Катерина Тодороска за Алфа вели дека во оваа наставна програма е прифатено се што побарале бугарските историчари од заедничката историска комисија, а учениците во најголем дел ќе учат нешто што нема врска со македонската историја.
-Фактички она што побарале, она што било договорено со нашите колеги од Бугарија се овде е внесено. Во секој еден дел нам ни се сервира она што е практички битно или значајно за Тракијците. Треба да истражуваат на кои територии живееле Тракијците, потоа да добијат задача да го истражат Одринското кралство, вели Тодороска за Алфа.
Според Тодороска, проблематично е што македонската историја речиси и да ја нема за учениците од шесто одделение, односно ја има само во две точки, каде што се споменува Античка Македонија, но и таму според програмата се одело по вкусот на Грција, смета професорката.
-И ако вие стара Грција треба да ја одработувате во три точки, доколку тракиските кралства, Тракијци, Сертика и тие работи треба да ги изучувате, доколку Римската империја ја изучувате во четири единици, античка Македонија ја имате само во две, со тоа што повторно тука се зборува и за хеленизмот, вели Тодороска.
Вели голем проблем е и што историјата се спојува со уште два целосно различни предмети, општество и географија.
-Самиот факт што детето во историја ќе треба да што е клима, што е хидрографија, што е животински свет фактички ја разводнува и концентрацијата околу наставниот предмет историја и општество. При тоа ќе треба да ги запознае и природно географските карактеристики на медитеранските земји. Вие фактички создавате нешто што е неприродно, вели универзитетската професорка по историја Катерина Тодороска.
Инаку, предметот историја и општество за шесто одделение според програмата опфаќа три модули: историја, географија и граѓанско образование. Во историјата ќе се учи за старите цивилизации и античкиот период во историјата на Европа и Балканот. Во модулот географија за ориентацијата на географскиот простор и географијата на медитеранските земји. Додека во граѓанско образование ќе се учи за демократијата и законите.
Матеја Петровски