Историска ревизија – македонското минато се прекројува според грчките желби

Протерувањето на Егејците, грчката граѓанска војна, балканските војни. Ова се само дел од историските настани кои најверојатно ќе претрпат ревизија. Македонските експерти не откриваат детали но велат дека со грчките колеги се договориле дека треба да се избегнува прикажување на другата страна во негативно светло.

-Во учебниците треба да се избегнува третирање на другата страна, едната према другата во двете насоки. Она што претставува анимозитет, она што претставува непријатност за да се слушне и да се образуваат новите генерации. Така што ако имате еден настан за едната страна, да не биде веќе така третиран, изјави првиот човек во Комисијата Виктор Габер.

Новинарите не успеаја да дознаат повеќе детали бидејќи службите на МНР спречија да се постават дополнителни прашања.Т

Додека Македонија конкретно не открива ниту што се бара од неа ниту што побарала од Грција, историчарите на јужниот сосед многу конкретни и прецизни – приоритет за нив е отстранување на картите на етничка Македонија, но и на текстовите во кои се говори за поделбата на земјава во Балканските војни. 

-Комисиите се формирани од извонредни експерти, кои целосно ја разбираат работата што треба да ја направат, темелно ја познаваат историјата на двата народа, ги почитуваат меѓународното право и европското законодавство и се во позиција да донесат правда и да ја прикажат историската вистина, отстранувајќи ги пропагандните потточки, илустрациите и мапите што ги модифицираа учебниците во последните децении, изјави тогаш заменик министерот за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис.

Досега се одржаа два состаноци на комисијата за ревизија на историјата. Првиот пред 4 месеци и вториот во Скопје викендов. Средбите ќе се зачестат бидејќи прочешланите учебници треба да бидат воведени веќе од септември со стартот на школската година.

Матеја Петровски