Иста приказна, исто сценарио како со „Северна“: Притисоци од ЕУ за промена на Уставот како „дежа ву“

2023-та и 2018-та, сценариото исто, ветувањата исти, само уште ова да го завршите и веќе нема пречки кон Европската Унија. Пред пет години менувавме Устав за да смениме име, денес се бара да го промениме Уставот за таму да влезат Бугарите. Исто како и пред референдумот пред пет години, во Македонија повторно дипломатска офанзива за сега да се прифатат бугарските услови.

Во само една недела пристигнаа претставници од шест земји од ЕУ, со една мисија да сме прифателе уставни измени, инаку ќе ни следела изолација. Минатата недела во Скопје беа минстрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, а сега ни дојдоа и од Германија, Франција и Полска.

Додека од ЕУ официјлно ни пристигнуваат критики за најважните теми за интеграција, како владеењето на правото, состојбите со правосудството и корупцијата, пораките на оние кои доаѓаат да не убедуваат да го смениме Уставот многу поблаги.

-Се друго ќе биде штетно за амбициите за членство во ЕУ. Сега е моментот кога треба да се преземе политичка одговорност, сега е моментот да се дејствува, да се каже да на подобрата иднина, на иднината во Европската Унија, изјави Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Германија.

-Договорени се измени на Уставот меѓу Македонија и ЕУ, што ќе ви овозможи да продолжите со следниот чекор, пресуден чекор кон членство во ЕУ секако, изјави Шимон Шинковски вел Сенк, минстер за Европска Унија на Полска.

-Оваа дискусија околу Уставот нема да повлекува нови барања од Бугарија. Автоматски Македонија ќе се најде на патеката на пристапување потоа, значи нема никакви дополнителни барања од ниту една друга земја, порача Лоранс Ван, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција.

Оваа ситуација целосно наликува на онаа пред промената на името на државата. И тогаш голем број дипломати се наредија во Македонија, да не убедуваат дека Грција е единствениот проблем и ако го сменимето името дека веќе нема да имаме пречки со големи чекори да напредуваме кон Европската Унија. Тоа среде Скопје ни го порача тогашната канцеларка на Германија Ангела Меркел.

-Предусловот е да има успешен референдум на 30-ти септември. И се разбира не сакам да се мешам во одлуката на вашите граѓани, но од сопствено искуство можам да кажам дека ова е историска шанса што не се појавува секој ден, таа шанса која една генерација ја има само еднаш. Овој 30-ти септември е историска шанса, ни порача Меркел од Скопје.

А преку видео порака и францускиот претседател Емануел Макрон.

-Да станете Северна Македонија, согласно Спогодбата. Јас одлучно сум ЗА и цврсто верувам дека овој договор е добар! За вас, за целиот регион и за Европа, ни порача Макрон тогаш.

Сепак овие убави зборови од 2018-та останаа само празни ветувања, Македонија си ја закачи кованицата Северна, а го доби и проблемот Бугарија, која заменувајќи ја Грција стана новата кочница на патот на државава кон Европската Унија. Се поставува прашањето дали можеме повторно да веруваме дека нови услови нема да има на европскиот пат, ако се знае дека доста често од Бугарија ни пристигнуваат пораки дека внесувањето на Бугарите во Уставот е само почеток, а дека има и други барања кои ќе мораме да ги прифаќаме во иднина.

Матеја Петровски

Advertisements