Исмет Гури од ДУИ и уште двајца осомничени во денеска отворената истрага за даночни измами одат во затворот во Шуто Оризари на издржување на мерка притвор од 30 дена.

Од Основниот кривичен суд Скопје, како што потврдија за „360 степени“, бил прифатен предлогот за определување притвор за тројца од осомничените, а истата мерка е определна за уште еден осомничен по кого се трага. За него притворот ќе стапи на сила од денот на пронаоѓање.

Притворот е определен бидејќи Кривичен смета дека се оправдани основите по кои обвинителството бараше притвор, а тоа се опасност од бегство, како и опасност од сокривање, фалсификување или уништување траги и опасност од влијание врз сведоци со што би можела да се попречи истрагата.

За останатите осомничени, пак, ОЈО ГОКК бараше поблаги мерки за обезбедување присуство.

Истрагата поврзана со даночни измами утрово ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и во неа се осомничени вкупно 15 лица, меѓу кои партиски членови на ДУИ, бизнисмени и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП), а се товарат за повеќе кривични дела како злосторничко здружување, даночна измама и перење пари.

Гури, кој е заменик-управник во УЈП, е третоосомничен, а со истрагата е опфатен и неговиот син.

Advertisements