Ислам Абази седнува на жешкото столче во Организиран криминал
Исмаил Абази е единствениот обвинител кој јавноста не го виде ниту на слика, но мнозинството го избра тој да ја води битката против криминалот и корупцијата во следните четири години. По 4 години прв обвинител во гостиварското вишо обвинителство на официјалната веб-страница од него нема ниту фотографија. Но не само таму, Абази го немаше ниту на соочувањето со неговите колеги-кандидати пред изборот. Без да се истакне и да каже со каква програма и визија ќе раководи со Обвинителството за организиран ја доби поддршката од 66 колеги. Тоа нив не им пречеше својот глас да го дадат за него, наместо за заменик-шефот на Скопското основно јавно обвинителство, Ерман Незири кој се најде на второто место, со два гласа помалку од новиот шеф. Суспендираната шефица Русковска ќе треба да се задоволи со третото место бидејќи убедила само 14 колеги да ја поддржат. На последното е колешката на Абази од гостиварското Вишо обвинителство, Деса Пауновска со само 10 гласачи.
Абази Ислам – 66 гласови
Незири Ерман – 64 гласови
Пауновска Деса – 10 гласови
Русковска Вилма – 14 гласови
„Комисијата за избори може да констатира дека во рок од седум дена да биде именуван од Советот на јавни обвинители откако претходно ќе се увериме дека, доколку пристигнат приговори затоа што согласно законот, како и 4 кандидати, исто така и самите избирачи имаат право на приговор, кој треба да го достават 5 часа по објавувањето на резултатите, и 12 часа за одлучување по истите. Доколку некој е незадоволен може да поведе и уставен спор“ велат од Советот на Јавни Обвинители.
Освен неважечки ливчиња, други нерегуларности Главната изборна комисија не забалежува. Обвинителите своето право на глас можеа да го остварат на 5 избирачки места, Државното обвинителство и Вишите обвинителства во Скопје, Гостивар, Битола и Штип. Сега Советот на јавни обвинители ќе чека приговори, а доколку не ги добие, им преостанува една недела да го именуваат Абази и официјално за нов шеф, на местото на временета замена за Русковска, Трајче Пеливанов. Како и Пеливанов, и Абази, ќе треба да засука ракави и да работи по кривичната пријава за екс шефот на Финансова, Арафат Муареми и за техничкиот преглед на автобусот на Беса Транс.
Пред камерите од кандидатите на денот на изборот се појави само Вилма Русковска. На својот наследник рече ќе му порача да ги работи најважните предистраги и истраги.
„Не, од страна на ниту еден колега немам добиено таква информација (дека има притисоци). Ако овие избори не бидат фер, кога гласаат обвинители, тогаш што да очекуваме од било кои други избори. Апсолутно сум сигурна дека ќе бидат фер“, кажа Русковска пред гласањето.
Информациите кои досега се знаат за Абази од медиумите говорат дека тој по потекло е од Зајас, родното место на лидерот на ДУИ. Кариерата како правник ја градел многу брзо, но уште побрзо како обвинител. Од правник во Агенцијата за цивилно воздухопловство во Скопје, преминал скалило погоре и станал стручен соработник во кичевскиот суд. Од соработник ја презел функцијата обвинител, за по една година стане шеф на Вишото во Гостивар. Поддршката за Абази експресно стигна токму од функционери на ДУИ, прв беше заменик-министерот во правда, Агим Нухиу.
Викторија Миткова