Исклучен првиот блок во РЕК Битола, наместо да се зголемува производството, тоа се намалува и се увезува скапа струја

Кога не работи „вториот блок“, работи само првиот и обратно. Државните елетрани никако да ги стават во функција сите три блока во РЕК Битола, а камоли да ги исполнат ветувањата за покривање на 100% од енергетските потреби. Во моментов РЕК Битола работи само со третина од капацитетот. Од електроенергетскиот систем синоќа околу полноќ бил исклучен Блок 1. Се работи за планско исклучување заради санација на кондензаторот и на дел од цевководниот систем во постројката. Од државните електрани велат дека преземале активности за интервенцијата да биде кратка и ефикасна. Предвидено е блокот повторно да биде на мрежа во понеделник.

„Електричната енергија од Блок 1 на РЕК Битола, АД ЕСМ ќе ја надомести со зголемување на производството во останатите свои постројки, како и со набавката на струја за која компанијата има веќе склучен договор до 20 ноември“ – се вели во соопштение од ЕСМ.

Нејасно е како ЕСМ планира да работи со целосен капацитет во РЕК Битола. Ветувањата дека сите три блокови во РЕК ќе работат до стартот на грејната сезона не се исполнија. РЕК Битола континуирано работи само со еден блок. Кога работи „кецот“, не работи „двојката“ и обратно. Иако најавен за стартот на грејната сезона, се уште се очекува да пристигне и трансформаторот од Турција за да се стави во функција конечно и третиот блок од РЕК Битола. Не работи ниту Осломеј, ниту ТЕЦ Неготино.

Загриженост за исклучувањето на Блок 1 во РЕК Битола изрази и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој потенцира дека ЕСМ никако не може да ги стави целосно сите енергетски капацитети во функција, затоа и увезувала екстремно скапа струја. Доказ дека се продолжува со купувањето на струја била и новата предвидена набавка за периодот од 21-ви до 27-ми ноември. Според него, уште позагрижувачки било и тоа хидроелектраните биле искористени само 18 проценти.

„Од утрово не работи блок 1 во РЕК Битола, а исто така ексклузивно хидроелектраните се на ниво од 18 проценти. Комплетно е потрошена водата, работиме со еден блок во Битола и тоа е се и нешто ситно во енергетика. Знаете какво беше сценариото, на почетокот сценариото беше да работат трите блока во Битола, да работат двата котли, една турбина во Неготино, да работи Осломеј и хидропотенцијалот. Од се ова утрово работи само еден блок, вториот блок во РЕК Битола и хидрото ни е на 18% и сега веќе имаме повторно нова набавка на електрична енергија која што треба да биде од 21 до 27 некаде околу 32 гигаватчаса бараат струја“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Надлежните упорно го оправдуваат увозот на струја. Недозволиво било да се произведува дома поскапо, кога можело да се купи од странство поевтино. Ова не е докрај точно, бидејќи цените на берзата за струја HUPX во последниве три дена се движат од 250 до над 300 евра за мегаватчас, додека производната цена на ТЕЦ Неготино е околу 240 евра и требаше да биде наменета за стопанството.

„ТЕЦ Неготино е во процес на ремонт, но неговата производна цена на електричната енергија е повисока од берзанската цена и немаше логика да произведува дури и да беше во можност да испорачува електрична енергија“ – вели Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Засега сите уверуваат дека ветеното количество на струја ќе биде испорачано. ЕСМ се обрза да произведе над 4 илјади гигаватчасови струја годинава, што е за 20% повеќе од лани.

Тања Попова

Advertisements

Поврзани вести