});

Исклучени Јанчев, Мијалков и Тодоров – ВМРО-ДПМНЕ завршува со хипотеките од минатото

ВМРО-ДПМНЕ завршува со хипотеките од минатото, ништо повеќе нема да биде исто. Потпретседателот Митко Јанчев разрешен, побарано од матичните комитети да бидат исклучени од членство Сашо Мијалков и Никола Тодоров. По синоќешната седница на Централниот комитет, која вториот човек во партијата Александар Николовски ја нарече историска, ВМРО-ДПМНЕ порачува дека влегува во нова фаза, враќање на идеалите и корените, прочистување и реформирање.

„Заради дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ но и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев како и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со цел да гласаат за уставните измени, а користејќи најниски методи Централниот Комитет го разреши Потпретседателот на партијата, Митко Јанчев, согласно Статутот на партијата тоа го направи со тајно гласање, на кое што сите членови на Централниот Комитет гласаа тајно и резултатот беше едногласно сите одлучија дека истиот треба да е разрешен“изјави Александар Николовски.

Николовски потенцираше дека е разрешен и членот на Извршниот Комитет, Констадин Богданов а за Мијалков и Тодоров е побарано исклучување од членство. Осумте пратеници кои гласаа за уставните измени пак, да го вратат мандатот.

-Централниот Комитет заради истите причини побара од матичните општински комитети да поведе дисциплинска постапка и да ги исклучат од членство Сашо Мијалков и Никола Тодоров. Понатака, Централниот Комитет побара 8-те пратеници кои што мандатот го добија затоа што беа на листата на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а го изневерија народот како и Програмата заради која што се избрани веднаш да поднесат оставка на своите позиции, затоа што работат спротивно на волјата на граѓаните, подвлече Николоски .

На седницата лидерот Мицкоски предложил да се одржи вонреден конгрес за да се разгледа потребата од гласање на доверба на Претседателот на партијата. Сепак, според Николовски, после дискусијата на која, за да не влијае врз останатите членови, не присуствувал Мицкоски, едногласно било одлучено да се одбие овој предлог бидејќи Претседателот ја има целокупната поддршка за водење на партијата.

Партијата во меѓувреме најави интензивирање на соработката со меѓународниот фактор, и особено со САД како стратешки партнер на Македонија.

Драган Милосављевиќ