„ИСИС се враќа дома, во Европа“, Австрија засилува контроли на границите

Австрија ќе ги зајакне имиграциските процедури на своите аеродроми, со цел да ги идентификува борците на Исламска држава, кои се враќаат од Блиски Исток.

Австрискиот министер за внатрешни работи Херберт Кицкл во интервју за „Кронен Цајтунг” изјави дека додека ИД е пред воен пораз голем број џихадисти се обидуваат да се вратат дома, вклучително и во Австрија.

Сите лица кои ќе пристигнат на аеродромите ќе треба да поминат низ безбедносна капија со откриена глава, а одредени летови внимателно ќе бидат следени, посебно авионите кои ќе пристигнат од Турција и од блискоистчните држави. Единиците на пограничните патроли исто така ќе бидат во состојба на готовност за лицата кои влегуваат во земјата по копнен пат, посочи Кицкл.

Тој додаде дека лицата кои наводно се поврзани со терористичките мрежи треба да бидат испратени на судење на Блиски Исток, посебно во Сирија, наместо да бидат вратени во Австрија.