Инфраструктурно поврзување за поголема размена меѓу Македонија и Бугарија

Да се завршат патиштата и железницата за компаниите од двете земји да тргуваат побрзо и полесно. Компаниите на македонско – бугарскиот бизнис форум што денеска се одржа во Скопје побараа од властите, по решените политички прашања, конечно да се посветат на економијата. Иако и Македонија и Бугарија работат на железничко поврзување, се уште не се знае кога точно со воз ќе се патува од Скопје до Софија.

„Трасата од бугарска страна моментално се проектира. Се прави детален технички проект. Предвидено е финансирање од европски извори од 2021 до 2027 година. Се надевам дека ќе биде завршен пред крајниот рок. Лесно е да ви кажам, 2024 или 2025 година, но да не им се мешаме во работата на инженерите, проектантите и изведувачите. Она што зависи од нас, да има што побрзо железничко поврзување, ќе го направиме. За нас тоа е еден од приоритетите“ – вели Томислав Дончев, вицепремиер на Бугарија.

Освен инфраструктурата која е еден од главните приоритети на двете Влади, двајцата вицепремиери најавија поголема соработка во туризмот, заедничка берза за електрична енергија, се разговарало и за можно учество на Македонија во изградба на нуклеарката Белене, како и за отворање на заеднички граничен премин меѓу двете земји.

На првиот бизнис форум по потпишувањето на Договорот за добрососедство учествуваа 200 компании од двете земји, кои бараа можности за идна соработка. Бугарија е 5-ти трговски партнер на земјава. Двете земји лани имале трговска размена од 695 милиони евра, што е пораст од скоро 17 отсто споредено со 2017-та година.

Тања Попова