Инфлацијата притиска, мерки за неколку месеци, Ковачевски уверува дека мерките се редизајнираат

Цените растат од ден на ден, а Владата упорно смирува дека мерки ќе има, но за некој месец и не за сите. Премиерот Ковачевски вели дека горивата ќе поевтинат само ако заврши војната во Украина. Што ќе направи Владата да го ублажи галопирачкиот раст на цените на храната и горивата не открива. Времето е се пократко, рекордните поскапувања притискаат по џебот на граѓаните, но премиерот уверува дека се правеле анализи и стандардот на населението ќе бил заштитен. Се пофали дека Владата прва реагирала кога почнала кризата, но не кажа зошто и прва укина најголем дел од антикризните мерки на стартот на јуни.

„Со ребалансот којшто е предвиден во Собранието, веќе се предвидени нови 80 милиони евра и коишто ќе бидат нормално по направените анализи и по ревидирањето на постојните мерки, ќе бидат предложени и ставени во функција. Можеме да очекуваме зависно за која мерка се однесува во наредниот месец, односно наредните месеци“ – вели Ковачевски.

Бизнисмените, особено оние што работат во прехранбениот сектор бараат Владата да интервенира од стоковите резерви, односно да обезбеди евтина суровина за производство. Владата, пак, нема намера да помогне. Ковачевски вели имало непречено снабдување со храна и горива, па за нивно активирање не се зборувало.

„Стоковите резерви се на ниво коешто е пропишано со закон. Стоковите резерви се менаџираат со, не може да се каже дали се активираат стоковите резерви или не се активираат, тука веројатно мислите на храна и нафтени деривати. Кај нафтените деривати имаме непречено снабдување. Во однос на храната, се управува дневно и неделно во однос на резервите кои ги имаме икои обезбедуваат непречено снабдување во услови кога има недостатоци. Ние немаме недостаток“ – вели Ковачевски.

Трговците на големо почнаа да ја злоупотребуваат финансиската немоќ на населението. Маржите на некои производи се неколкукратно зголемени. Имало и такви што пресметале дури 68% разлика во цена на тестенини. И додека власта уверува дека инспекторите се секојдневно на терен, во продавниците продолжува ценовниот хаос. Надлежните најавуваат дека ќе објават список на сите што се обидуваат да ќарат на грбот на населението.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста