Инфлацијата падна за 1%, ама и натаму е двоцифрена, во Македонија полошо се живее за разлика од лани

Благ пад на инфлацијата бележи Државниот завод за статистика, но таа и натаму останува двоцифрена, односно за април изнасува 13%. Министерот за економија Крешник Бектеши е задоволен со пад од нецели два проценти во однос на март, и вели мерките дале резултати.

Во Македонија се поскапо се живее, ама Владата тоа никако да го види. Иако инфлацијата за април падна од 14% на 13%, сепак таа е и натаму двоцифрена. Министерот  Бектеши се пофали дека за тоа придонеле владините мерки, конкретно околу ограничувањето на цените, и најави нови кои биле во преговори со коморите, ама какви не кажа. Според него храната и горивата кај нас биле најевтини во споредба со другите земји од регионот.

  • Ова е поголемо намалување од зголемувањето на платите што беше направено во овој период во нашата држава. Ова е потврда дека мерките даваат резултат. Овој тренд на намалување ќе продолжи. Би сакал да упатам една порака до сите стопанственици во нашата држава, особено до производителите на основните прехранбени производи, а секако и до трговците и увозниците на овие производи, да се подготват. Моментно и цените на суровините и цените на енергентите се на ниво што овие цени може дополнително да се намалуваат од денешните, рече министерот Бектеши.

Замрзнатите цени ќе останат во сила до крајот на месецов, но ако е потребно, вели Бектеши, тие ќе бидат продолжени. Рече дека инспекцијата поднела три прекршочни пријави до оние компании кои разботеле спротивно владините наредби за ограничување на цените.

  • Иако бевме критикувани дека ова се коси со пазарната економија, очигледна беше недисциплината на трговците и на увозниците. Контролите на пазарните и даночните инспектори, но и на Финансиската полиција, беа упорни и тие ќе продолжат и во наредниот период – поентираше Бектеши. Сета оваа операција, придонесла да се поднесат 3 кривични пријави против увозниците на зеленчук и овошје, како и на десеттина прекршочни пријави, а ако нерегистрираните продавачи тераат по свое, треба да знаат дека стоката ќе им биде одземена, предупреди Бектеши. Тој најави дека во координација со стопанските комори, Организацијата на потрошувачи, како и со прориводителите ќе се креираат и нови мерки кои ќе го заштитат стандардот на најранливите категории на граѓани.

Дека во пракса не може да се види реално поевтинување говори и државната статистика. Иако инфлаторната спирала благо попушти, инфлацијата е далеку повисока ако ја споредиме со април минатата година, кога земјава за прв пат забележа двоцифрена стапка на инфлација од 10,5%.

Ако се суди според досегашното искуство, министерот рече дека намалување на инфлацијата очекува на почетокот од летово, кога таа повторно ќе била едноцифрена.

Борис Грујоски

Advertisements