Инфлацијата „не изеде“ – во Македонија се јаде најскапа храна во Европа

Двоцифрената инфлација и натаму останува сериозен проблем во Македонија, а проекциите за економски раст се меѓу последните од земјите во регионот, покажува најновиот извештај на Светска банка. Ваквото позиционирање на земјава очигледно не ги загрижува властите кои и понатаму тврдат дека инфлацијата се намалува, ама најверојатно само за владините претставници.

Дека состојбата дома не чини потврдуваат и податоците од „Инфлациски монитор“ за овој месец. Тие покажуваат дека инфлацијата во Македонија е далеку поголема отколку во Европа, а најголемо поскапување има во храната, угостителството и мебелот. Па така, храната кај нас поскапела за 14,6%, додека во европските земји поскапувањата достигнале само 5,3%.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага намалување на трошоците на живот преку измени во Законот за ДДВ, односно ослободување од ДДВ на сите производи за човекова исхрана.

  • Платите и пензиите се зголемија, но тоа не е ништо во споредба со зголемувањето на цените на храната. Инфлацијата е премногу висока, па ние предлагаме ослободување од ДДВ за храната со цел да се компензира намалувањето на животниот стандард и за да се влијае на намалувањето на цените на производите. Најголем дел од платите оди за купување храна, а инфлацијата кај храната е највисока. Ако власта ја прифати нашата предлог-мерка, тогаш цените на прехранбените производи ќе се намали за 5%, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Владата пак, очекува инфлацијата сама да падне, но, како што велат, големо влијание врз тоа ќе имале надворешните фактори.

  • Изложени сме на економски сили кои не препознаваат граници и кои влијаат во дефинирањето на нашиот перформанс. Економската криза сѐ уште не е завршена, енергетските прашања сѐ уште не се затворени. Постојат многу променливи фактори кои влијаат врз инфлацијата, а врз кои ние немаме влијание иако сме изложени на нивните последици, велат од Владата.

Во земјите од Европа, Шпанија е првата земја што го укинува ДДВ-то на прехранбените производи. Интересно е тоа што токму Шпанија е земја со најсилен пад на инфлацијата, а сега е меѓу земјите со најниска инфлација – од 4% во април на 3% во мај.

Од ЕБОР, пак, очекуваат БДП на Македонија годинава да не се зголемува повеќе од 2%, што е најниска прогноза од сите институции што ја мерат силата на македонската економија.

Од Народната банка, пак, очекуваат годинава да заврши со раст на економијата од 2,1%, а пооптимистички се очекувањата за следната 2025 година.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста