Инфлацијата галопирачки расте, граѓаните и бизнисот алармираат, но власта е глува за мерки за помош

Инфлацијата не престанува да расте. Во мај, се зголемила за 12% споредено со истиот месец лани – објави државната статистика. Најмногу поскапело маслото за јадење, за речиси 40%. Граѓаните одвојуваат 21,5% повеќе за леб, 16% повеќе за млеко, сирење и јајца , 13% повеќе за месо. Зеленчукот во мај бил поскап за 18 и пол отсто, а овошјето за 11и пол проценти. Општо, кај храната има зголемување на цените за 17%, кај енергенсите за 8%, но рекордно поскапел транспортот за дури 24% поради скокот на цените на горивата. Цените во рестораните и хотелите, пак, скокнале за речиси 11%.

Додека граѓаните и фирмите кубурат со пари поради поскапата живеачка, Владата ги укина старите, но не донесе нови антикризни мерки за заштита на стандардот. Тензично беше денеска и во Собранието, откако пратениците од власта не дозволија расправа за поднесените предлог закони на опозицијата за намалување на акцизата и ДДВ на горивата и основните продукти.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата не с еоткажува од можноста да им помогне на граѓаните и веќе на утрешната седница, повотрно под иста итна постапка ќе побара овие два закони да се разгледаат во надеж дека ќе се вразумат пратениците од ДУИ и СДСМ. Доколку нашите предлози заглават во собраниските лавиринти, ќе побараме и амандмански да се реагира во ребалансот, со цел намалување на цената на горивата и ДДВ за основните прехранбени производи“ – рече Бојан Стојаноски , ВМРО-ДПМНЕ.

Бизнис секторот незадоволен бидејќи Владата не излезе со помош за компаниите. Првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески алармираше дека фирмите имаат сериозни проблеми поради превисоките цени на струјата, тешко работат, а на некои им се заканува затворање и отпуштање на вработени. Побара во фокусот на Владата да бидат фирмите, а не граѓаните. Порача дека енергија мора да штедат сите – и државата и бизнисот и населението.

„Државата да најде механизам да ја намали потрошувачката за 10 до 20 проценти, а да го зголеми нивото на производтсво на електрична енергија за 20 отсто. На таков начин би се створил гап од 40 проценти, кој би се употребил за некакво регулирање на цената на струјата што се испорачува кон фирмите“ – вели Бранко Азески, претседател на Стопанска комора.

Експертите веќе предупредија дека инфлацијата дополнително ќе се зголеми во јуни, бидејќи месецов секнаа антикризните мерки, па цените драстично скокнаа нагоре. Трговците, пак, ја искористија состојбата за да си пресметаат енормно високи маржи на грбот на граѓаните. Владата најави инспекции и листа на оние кои се обидуваат нечесно да заработат. Аналитичарите очекуваат галопирачки раст на инфлацијата од 15 до 20%.

Тања Попова

Поврзани вести