Инфинум ги отвори вратите на новата македонска канцеларија со најавени 100 вработувања

Хрватски технолошки лидер Инфинум, познат по развивање дигитални производи за глобалниот пазар, отвори нова канцеларија во центарот на Скопје. По преземањето на македонската 3П Девелопмент кон крајот на минатата година, во новата канцеларија сега работат триесетина експерти. Главниот фокус на плановите на компанијата во Македонија, се нови вработувања и проширување на тимот.

– „Во следните три години планираме 100 нови вработувања, од кои 20 до 25 ќе бидат оваа година. Дел од тие вработувања ќе бидат студенти кои што ќе завршат на Инфинум академијата во Скопје“ – вели Ѓорѓи Ќосев, генерален директор на Инфинум во Македонија

Инфиниум Академијата е само една од иницијативите со кои оваа меѓународна компанија работи на развој на локалната ИТ заедница во Македонија. Тие нудат серија бесплатни обуки за работа со најновите технологии за развој на софтвер.

Заедно со Академијата, компанијата почнува со одржување Infinum Talks. Во новите канцеларии ќе се одржуваат едукативни предавања и дружења во опуштена атмосфера.

„Одлучивме дека македонскиот информатички сектор е најдобар избор, имајќи предвид дека има многу квалитетени таленти, одлични луѓе и многу блиска култура, која е доста сродна со нас. И што очекуваме? Очекуваме да станеме најдобриот работодавец, како што сме во Хртватска“ – Вели Бојан Бајикиќ, маркетинг менаџер на Инфинум во Македонија.

Инфинум е познат како повеќекратен добитник на награди за најдобар работодавач во земјите каде е присутен, а од компанијата велат дека ваквата корпоративна култура ќе ја пренесат и во Македонија.

Инаку Инфиниум развива иновативни дигитални решенија за познати светски брендови како Philips, Nike, Samsung, Porsche.

Никола Цветкоски