Интерпелацијата на Спасовски ги скара пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски e на дневен ред пред пратениците во Собранието.

Денешниот обид за разрешување на првиот човек на полицијата ја разгори атмосферата во собраниската седница, па од говорницата јавноста имаше можност да слушне најразлични обвинување на опозицијата, но и на власта.

Причина за да се разреши Спасовски според опозицијата се нерасчистени убиства, криминали, сомнителни тендери и нарушена безбедност на граѓаните.

Антонијо Милошоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го праша Спасовски дали кандидатите за претседателските избори се безбедни , со оглед на изјавата на Пендаровски дека бил следен. Милошоски оцени дека полицијата се користи како инструмент за злоупотерба и селективност, при што луѓе блиски до власта се штитат, а се гонат политички неистомисленци.

Оливер Спасовски ги отфрли обвинувањата како тенденциозни и нецелосни и порача јавноста да не се замајува со жолти комбиња и тајни служби, иако Пендаровски пред неколку дена изјави дека е следен, па случајот го пријави во МВР.

На седницата зборуваше и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој од говорницата упати критики за работата на Спасовски во делот на зголемување на криминалот, рекет, корупција, политички прогон, небезбеден притвор и воопшто дека Спасовски придонел граѓаните да не се чувствуваат безбедно откога дошол на функција поради што побара негова оставка.