Интензивни улични борби во Северодоњецк, Зеленски очекува
членство на Украина во ЕУ

Жестоки напади на руската армија во Северодоњецк. Британското министерство за одбрана смета дека и двете страни ќе претрпат голем број на жртви. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, посочи дека нивната одбрана ќе зависи од помошта што ќе ја добијат од Западот.

Во Донбас продолжуваат многу жестоки борби. Секој ден ги повторувам овие имиња: Северодоњецк, Лисичанск, Бахмут, Славјанск и многу, многу други. Русија сака да уништи го секој град во Донбас. Сите овие урнатини во некогаш среќните градови, црни траги од пожари, кратери од експлозии – ова е сè што Русија може да им даде на своите соседи, Европа и светот, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина

Меѓудругото Зеленски директно ги обвини руските акции за растот на цените на суровините, велејќи дека Москва прво ја блокираше енергијата за да ги зголеми цените, а сега истото го прави и со храната. Тој им се заблагодари на сите земји кои досега испратија помош за Украина. Портпаролот на Руското Министерство за одбрана – Игор Конашенков, изјави дека руските сили уништиле база на странски платеници во регионот Харков

Ракети со висока прецизност лансирани од воздух уништија база на странски платеници во близина на населбата Авдејевка во регионот Харков. Покрај тоа, уништен е и ракетен систем Бук-М1 во близина на населбата Минковка во Донечката Народна Република, изјави портпаролот на Руското Министерство за одбрана – Игор Конашенков

Конашенков, исто така, објави дека руските ракетни и артилериски сили уништиле два ракетни фрлача „Град“ и девет парчиња оружје на терен, како и складиште за гориво, заедно со елиминацијата на, како што рече, над 300 националисти.

Во меѓувреме претседателката на Европската Комисија – Урсула фон дер Лајен, пристигна во Киев за да разговара околу плановите на Украина за приклучување кон ЕУ. Зеленски повторно апелираше до земјите од ЕУ да ѝ го отворат патот на Украина кон Унијата.

Имаме исти цели, сакаме да ги насочиме инвестициите и да испорачаме реформи за да го подобриме животот на Украинците. Да ја обновиме Украина, да ја направиме атрактивна за инвестирање и секако да ја поддржиме да го следи Европскиот пат, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.

Русија, пак, го предупреди НАТО дека ќе следува пропорционален одговор поради зголемувањето на трупите во Полска. Засега, нема договор за украинското жито.

Бојана Златкова