НАЈНОВИ ВЕСТИ

Институциите глуви на очајните повици на жителите на Рашче и за заканата од еколошка катастрофа

Молк од институциите за еколошката катастрофа која и се заканува на Скопје. Селото Рашче од каде се снабдува главниот град со чиста вода за пиење е без канализација. Жителите со години живеат со неподнослива миризба на фекалии – но досега никој не им го решил проблемот иако градоналникот Беџети бил запознаен со проблемот. Алфа испрати прашања до општина Сарај, Град Скопје и  Министерството за животна средина дали итно ќе преземат нешто и дали Рашче ќе добие канализација– одговор не добивме од никој.

Жителите од селото се револтирани прашуваат кој ќе им помогне? И дали ова е нормално, во 21 век да газат по земјен пат и да немаат функционална канализација?

“Ова е филтерната станица од селото Рашче, значи не е функционална. Најтрагично е што на два метри поминува водата што оди за цело Скопје од изворот Рашче. Цело Скопје пие вода од нашето село Рашче како изворно место дефинитивно ништо не е направено. Канализацијата во Рашче не е функционална, прво нашата не е функционална а што е најлошото – ни додаваат уште една канализација во другото село ” – изјави Феми Дураку жител на Рашче.

Проблемот со канализацијата не е единствен за жителите на селото. Од другата страна на планината во близина на Јегуновце, пред половина година, кал и отпад кои содржат тешки метали се исфрлаа непосредно до заштитната зона на изворите Рашче. Алфа тогаш алармираше но никој не презема ништо.

Препораките сите депонии да се стават во мирување околу заштитна зона Рашче датираат од 90-тите на минатиот век, но во пракса гледаме дека тие не се почитуваат дури ни по 30 години.