Инспекциски надзор во битолската болница по трагедијата со смртта на новороденчето, јавноста врие

Смртта на новороденчето во битолската Клиничка болница, која за само дваесет дена е втора мистериозна смрт на дете во оваа установа, ја прелеа чашата на револтот кај македонската јавност. Преку бурните реакции на социјалните мрежи, вознемирените граѓани коментираат дека одговорноста во оваа земја конечно мора да има име и презиме како би му се застанало на патот на овој хорор кој освен што ја зацврстува недовербата во распаднатиот здравствен систем, го всади и паничниот страв. „Ова на е болница, туку е кланица“, „Катастрофа, заклучувајте ја побрзо“, „Кои инспекции, кои бакрачи ?! Се знае што ќе кажат тие, лекарска грешка нема – мајката е виновна“, „Наместо радост, му донесоа смрт на семејството. Ужас“, се само дел од лавината коментари на социјалните мрежи.

   Инаку, според информациите до кои дојде Алфа, младата 24-годишна мајка, на која ова и’ било прво дете немала никакви здравствени проблеми, а бременоста и’ била нормална. Пораѓајот бил извршен со вакуум, бебето било родено живо, но со слаба срцева активност и по два часа, за жал, ја изгубило битката за живот. Веднаш по трагичниот настан, Болницата и несреќната  млада родилка ги посети и министерот за здравство, кој за денеска најави инспекциска контрола од ДЗСИ.

  „Длабоко сочувство за младата родилка и изгубеното бебе. Ако има пропуст ќе има и одговорност. Службите ќе откријат и ќе излеземе со конечен извештај“, кажа министерот за здравство, Фатмир Меџети.

   Во меѓувреме, својата оставка од морални причини, за денеска ја најави првиот човек на битолската Болница, д-р Александар Обедниковски, кој на оваа функција дојде во мај лани и е човек кој ужива висок углед меѓу своите сограѓани. Нашиот обид лично да разговараме со него, остана безуспешен, тој утринава не беше достапен на телефон.

  Се огласи и кумот на малата Јана.

   „Утре, среда, во 17 часот, пред Клиничката битолска болница, се собираме заеднички, прво вклучуваме сирена која ние ќе ја носиме, а потоа ќе оддадеме една минута молк за сите прерано заминати чеда. И крајно време е да се свести и Болницата и Министертсвото за здравство дека состојбата во Клиничката болница е алармантна“, – телефонски за Алфа ни изјави Игор Петковски.

  Инаку, откако на 22 март на Детското одделние мистериозно почина 6-годишната Јана Христовска, ДСЗИ и тогаш направи инспекциски надзор, но не пронајде лекарска грешка. А додека резултатите од обдукцијата се’ уште се чекаат.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста