Инспекциски надзори ја проверуваат битолската болница по смртта на шестгодишната Јана

Ќе има ли одговорност за изгубениот живот на шестгодишната Јана од Битола ? По обвинувањата на семејството дека таа починала поради погрешно дадена терапија се отворија многу дилеми – кои ќе се разрешат по обдукцијата. Клиничката болница во Битола во моментов е под вонреден инспекциски надзор кој треба да даде одговор за смртта на девојчето, резултатите од „чешлањето“на случајот ги чека и министерот за здравство.

„Штом слушнавме, веднаш постапивме. Инспекциските служби се таму, чекаме информации. Со семејството немавме контакт. Чекаме исход од ДСЗИ и веднаш ќе бидете известени за целото постапување“,кажа министерот Фатмир Меџити.

Директорот на битолската болница во телефонски разговор за Алфа информираше дека откако ќе заврши инспекцискиот надзор од ДСЗИ, во понеделник тим од педијатри ќе ја испитуваат причината за смртта на девојчето.

Од обвинителството велат дека се превземени сите мерки за обезбедување на комплетната медицинска документација, а се чекаат и резултатите од обдукцијата.

„Основното јавно обвинителство Битола издава наредби и насоки за да се извршат сите неопходни проверки. Причината за смртта на девојчето сè уште не е утврдена“, велат од обвинителството.

За последните моменти на Јана, за Алфа сведошече и нејзиниот татко. Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот и е 9.

“Ние сето ова го гледавме преку стаклото. Докторите ги фати паника, се растрчаа, викнаа и анестезиолог, но очигледно веќе беше доцна за се’. Јана едвај мрдаше само со ноџињата, за по кратко време целосно да омалакса. Заневме дека е готово уште кај 13 часот, но нам никој ништо не ни кажуваше, се до 15 часот кога ни ја соопштија најсуровата вест за еден родител“, – раскажува таткото.

Причините за смртта на девојчето ги коментираат и лекари на социјалните мрежи. Докторот Ненад Лазаров во статус на Фејсбук вели: „Од гликемија 19 не се умира акутно“, а на објавата се надоврзаа и негови колеги лекари :

„Не се умира од гликемија, но се умира од кетоацидоза. Тешка загуба е тоа, сочувство до родителите,“.

Сепак сите се сложни дека треба да се почека обдукцијата да ја покаже точната причина за смртта по што ќе се знае дали се работи за лекарска грешка или не.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста