Инспекторатот за животна средина му даде задолженија и рокови на „Усје“ – Ако не ги исполни му се заканува одземање на дозволите

Државниот инспекторат за животна средина и даде рок на цементарницата Титан – Усје да спроведе серија барања откако утврдиле емисија на штетни честички и прашина од нивните оџаци и котли, а ако не постапат по задолженијата од инспекторатот, тие ќе поведат прекршочна постапка, односно кривична пријава и одземање на добиените дозволи и овластувања на фабриката.

„Се наредува на правниот субјект Цементарница Усје АД Скопје:
– За фабриката да се користи природен гас;
– Задолжително да изведе соодветен приклучок за вршење мерење на емисии со акредитрана метода 10 дена откако ќе биде користен природен гас како гориво;
– Во рок од 5 дена задолжително да изврши мерење на емисијата на гасови од оџакот на парниот котел;
– Да се направи мониторинг на сите емисиони точки од производните процеси со акредитирана лабораторија за животна средина во присуство на Државен инспектор за животна средина во рок од 15 дена;“ – Пишува во решението на државниот инспекторат за животна средина.

Министерот за животна средина пак, Насер Неуредини знаел за резултатите од инспекцискиот надзор во цементарницата, но изутрината не можеше да ги обзнани за јавноста. Се огради од надлежност, затоа што инспекторатот за животна средина повеќе не бил во рамки на министерството кое тој го раководи.

– „Знаеме, но, комисија ќе потврди и ќе потврди и ќе ја инфомира јавноста. Вие сите да читате, можеби и денес.“ – Истакна Неуредини.

Ова следи откако вчера Градоначалничката Арсовска најави кривична пријава за Усје. Градските инспекциски служби, во координација со инспекторатот за животна средина регистрирале испуштање на големи концентрации на штетни честички во атмосферата, а со тоа го загрозиле здравјето на луѓето

Од Титан-Усје уште вчера, иако ги демантираа обвинувањата на Арсовска и го тврдеа спротивното, се заложија да го спроведат решението на инспекторатот и од мазут, да преминат со работа на природен гас.

Никола Цветкоски

Advertisements