Им преседна одморот во Грција – оштетени македонски автомобили на Халкидики

Наместо одмор, нервоза. На млад пар од Македонија им преседна одморот во соседна Грција. Со оштетен автомобил и горко искуство се враќаат дома откако непознати сторители им испишале навредливи пораки на возилото. Немилиот настан се случил во местото Метаморфози на вториот крак. Револтирана, македонската туристка, во изјава за Алфа го раскажува непријатното искуство.

Како што може да се види на фотографиите, најверојатно со клуч или остар предмет на хаубата од колата испишано е „Македонија еднаква на Грција“. Македонката која престојува во Грција и сега се враќа за Македонија, вели дека возилото е оштетено и на двете врати, каде пишува „Но Македонија“. Таа во телефонски разговор за Алфа вели дека ова не бил единствен случај во истото гратче, и дека и други граѓани се соочиле со истиот проблем.

Македонската туристка случајот го пријавила во тамошната полиција. Во меѓувреме дознала дека деновиве таа не била единствена жртва на ваков инцидент.

Ова не е прв пат на македонски граѓани да им преседне престојот во Грција. Ваквите инциденти помалку или повеќе се редовна појава, посебно за време на летната сезона. Но она што загрижува е што освен јавните аларми, кои главно се шират преку социјалните мрежи, завршуваат до медиумите, но не и со институционално решение. Досега нема информација колку од овие инциденти се решени, а сторителите казнети.

Според информации на Алфа само лани 70 македонски државјани пријавиле дека имале слично непријатно искуство во Грција. Алфа побара одговори од македонската полиција, но до овие вести не доби повратна информација.

Борис Грујоски