Импичмент на Бајден – речиси невозможно сценарио, дел од Американци загрижени дали тој направил незаконски работи
Републиканските пратеници го одржаа своето прво официјално сослушување за импичмент, тврдејќи дека семејството Бајден имало корист додека претседателот Џо Бајден бил на јавна функција.
„Со години, претседателот Бајден го лажеше американскиот народ за неговото знаење и учество во корумпираните деловни шеми на неговото семејство. Најмалку десет пати Џо Бајден го излажа американскиот народ дека никогаш не разговарал со своето семејство за нивните деловни зделки. Тој лажеше кажувајќи му на американскиот народ дека постои апсолутен ѕид помеѓу неговите официјални владини должности и неговиот личен живот“, рече Џејмс Комер, претседател на Комитетот за надзор и одговорност на Претставничкиот дом.
Но, републиканците допрва треба да изнесат цврсти докази дека претседателот Бајден ја злоупотребил својата функција но, без да презентираат никакви нови докази на сослушувањето.
„Тие поканија тројца сведоци да сведочат – ниту еден од нив не е очевидец на претседателски криминал од каков било вид. Ниту еден од нив не е директен сведок за некој од настаните поврзани со Украина и Бурисма, а ниту еден од нив не учествувал во осуммесечната истрага во која нашиот почитуван претседател јавно објави дека добил 100 проценти од се што побарал”, рече Џејми Раскин, демократ од комисијата за надзор на Претставничкиот дом.
Демократите тврдат дека републиканците го истражуваат Бајден за да го одвлечат вниманието од обвиненијата кои опфаќаат 91 кривична пријава против поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Се работи за Доналд Трамп – неговата кампања и поддршката за него“, рече демократот Роберт Гарсија.
Републиканците велат дека ја искоренуваат корупцијата. Анкетата спроведена од Асошиејтед прес и Центарот за истражување на односи со јавноста НОРК покажа дека 1 од 3 Американци се загрижени за тоа дали претседателот Џо Бајден можеби направил незаконски постапки поврзани со деловните зделки на неговиот син.
„Ајде да добиеме малку транспарентност. Да го следиме владеењето на правото“, рече републиканката Лиза Меклејн.
Некои републиканци во Претставничкиот дом се сомневаат во истрагата, велејќи дека таа не го задоволува стандардот за смена на претседател од функцијата за високи кривични дела и прекршоци но, велат дека и секој обид за импичмент ќе заврши во Сенатот на САД каде мнозинството се демократи.
„Нема очекувања дека Сенатот ќе гласа за импичмент“, рече републиканецот Дарел Иса.
Ако пратениците не успеат да постигнат договор за приоритетите за финансирање, владата на САД ќе ја затвори работата на 1-ви октомври, а сослушувањата за импичмент нема да можат да се одржат се додека не се усвои новото финансирање.
Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон