Има ли се уште нелегално прислушување во Македонија?

Дали во Македонија има нелегално прислушување, Собранието се уште не може да провери. Иако техничкиот експерт е избран уште пред два месеци, средства за негово ангажирање од законодавниот дом се уште не се обезбедени, кажа претседателот на собраниската Комисија за контрола на прислушувањето, Емил Димитриев, кој денеска со останатите пртеници од оваа собраниско тело беа во посета на ОТА.

-Штета е што Собранието оваа надлежност не ја сфаќа доволно сериозно, затоа што надзорната улога на Собранието е многу сериозна во сегментот на контрола над службите за безнедност. Ни како комисија немаме надлежност да го склучиме договорот, нашата надлежност е во делот на селекцијата. Селекцијата беше крајно транспарентна, ја објаснив прееска. Два месеци записникот е предаден од изборот, ние се уште како комисија немаме одговор зошто не поминало тоа лице, изјави Димитриев.

Што има во компјутерите кого и како следат вработените во ОТА, не утврди експерт од областа на информатиката, туку пратениците дознаа, од  вработените на ОТА кои им презентираа извештај. Според напишаното побарано било да се прислушуваат 258 броеви во текот на оваа година, а во моментов под контрола се 159. Проверка дали оваа бројка е точна и дали има нелегално прислушување, Комисијата не можеше да провери, бидејќи во истата нема експерт за тој дел.

-Ние без технички експерт навистина сме во една незгодна ситуација да го гледаме само визуелно и механички она што значи наредба, внесување во систем за слушање итн. Меѓутоа техничкиот експерт ќе може да влезе и во електронскиот дел, да го провери тоа реално дали е така, изјави Димитриев.

Од ОТА тврдат дека нелегално прислушување нема, но директорот Зоран Ангеловски е свесен дека тоа нема да може да се докаже пред пратениците, додека не биде ангажиран експертот кој Комисијата го има избрано.

-ОТА и понатаму, ова сум го кажал и порано се залага за максимална транспарентност и максимална контрола, во моментите кога ќе биде ангажиран технички експерт, ќе биде поеднаставно да се докаже пред нив дека сето тоа е така како што е декларирано, изјави Ангеловски.

Инаку, Димитриев кажа дека експертот кој бил избран имал завршено магистерски студии за компјутерска форензика во Ирска.  Консултантскиот договор кој треба да биде потпишан со него, ќе има важност до крајот на мандатот на овој собраниски состав.

Матеја Петровски