Илјадници евакуирани поради пожарите во Австралијa

Властите во австралиската сојузна држава Квинсленд денеска прогласија евакуација на околу 8.000 лица, поради пожарите што беснеат во тој дел на Австралија.

Властите информираа дека во Квинсленд во моментов горат над 130 пожари, поради што веќе е прогласена вонредна состојба во окрузите Гејсмеир и Станвел.

Во источните и централните делови на Квинсленд нивото на опасност од пожари првпат е зголемено на највисокиот, „катастрофален“ степен.

Поради пожарите, чие ширење е потпомогнато од сувото време и силните ветрови, затворени се над 35 училишта и пет детски градинки.

Пожарите во Квинсленд почнаа кон крајот на минатата недела и досега уништија неколку објекти, но нема информации за жртви.