Илија Димовски за Алфа: За СДСМ е подобро да има брзи избори, се доведуваат во состојба да ја загубат и втората позиција на политичката сцена во Македонија

Што не очекува на политичката сцена по вчерашната лидерска средба? Политичките лидери не постигнаа никаков договор, само си кажаа што сакаат да си кажат. Власта како свој врвен приоритет си ги стави уставни измени, а според она што можевме да го слушнеме, остана глува на барањата на опозицијата да се разговара за реалните животни проблеми на обичниот човек.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоси порача дека тие нема да поддржат уставни измени какви што сака да ги протурка власта и е на ставот дека единствен излез од кризата во моментов се предвремени парламентарни избори.

На оваа тема разговаравме со поранешниот пратеник Илија Димовски, кој е на ставот дека после се што се случи избори се обврска на власта.

-Власта има обврска да излезе на избори и да побара легитимитет за своите барања. Тоа нас два пати ни се случило во Република Македонија, првиот пат ни се случи 2008-ма кога тогашната Влада на Груевски не успеа да добие членство во НАТО, заради сличниот проблем со Грција и ни се случи прв пат кога Македонија не доби преговори со ЕУ, иако тоа беше ветувано во текот на кампањата за спроведување на Преспанскиот договор, кога Зоран Заев распиша предвремени избори, изјави Димовски.

Димовски вели дека очекувано е СДСМ да не сака ни под разно предвремени избори, затоа што во некои општини, пред се оние урбаните тие веќе не се ни втора партија, но вели дека треба да сфатат дека колку побрзо се случат изборите, нивниот пораз би бил помал.

-Има една здрава логика која што мораат да ја разберат, а тоа е дека колку побрзо се одржат избори тие би зачувале статус на сериозна опозициона партија во следниот мандат. Тоа важи доминантно и за СДСМ, но во некоја димензија и за ДУИ. Колку подолго се одолговлекуваат изборите, толку резултатот за власта ќе биде послаб. Во случајот на СДСМ тоа може да доведе до губење на втората позиција на политичката сцена во Република Македонија. Би потсетил да бидам објективен и коректен, колку повеќе ВМРО-ДПМНЕ го одложуваше својот пад пред пет години, толку поголеми штети правеше и на себе, колку повеќе сега СДСМ го одложува својот пад, толку поголема штета ќе направи за себе, изјави Димовски.

Со Димовски разговараше Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести